Доколку не и се изгласа недоверба на Влада, наредните 90 дена не може да има повторно гласање за ова прашање, изјави вечерва во Клик Плус собранискиот спикер Талат Џафери.

– Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена, рече Џафери.

Процедурата, како што посочи е отпочната и појасни дека ако сега се повлече барањето за гласање на недоверба на Влада, нема право за повторно барање за гласање недоверба во наредните 90 дена.

Седницата за гласање на доверба на Влада е закажана за в четврток во 11 часот.

Според Џафери премиерот во оставка и претседател на СДСМ Зоран Заев направил добро што не се повлече од функциите.

– Ова го кажувам како дел од актуелното мнозинство. Не треба да се води од моментални емоции. Треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата, Институциите треба да функционираат нормално. Ова е враќање назад. Правиме еден чекор напред, два назад, рече Џафери.