Етичкиот кодекс и неговото доследно применување е процес што мораме да го водиме квалитетно и, не само ние од овој мандатен состав, туку и сите идни генерации, рече денеска собранискиот спикер Талат Џафери
– Доследното почитување на етичките и морални норми од страна на нас пратениците, без разлика дали сме од власта или од опозицијата многу позитивно ќе влијае врз интеграциските процеси, порача Џафери.
Тој ова го истакна во обраќањето на обуката за „Мерките за промовирање на Етичкиот кодекс и подигање на свеста за неговата содржина“, организирана од Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања на Собранието на Македонија.
-Денешната обука има за цел утврдување на “Мерки за промовирање на Етичкиот кодекс и подигање на свеста за неговата содржина“. Мислам дека токму тоа е и суштината и целта, бидејќи станува збор за тоа како Етичкиот кодекс да стане дел од нашата политичка култура. Тоа не е процес кој се завршува само со денешната обука туку, ќе треба перманентно да се одвива и надградува. Секако, покрај пратениците, во овој процес треба да биде вклучена и собраниската администрација, рече Џафери.
Тој посочи дека моралните и етичките норми не се статична категорија, тие постојано се развиваат и надополнуваат.
-Ние од овој мандатен состав што ги направивме првите чекори, имаме можност да ги запознаеме и користиме искуствата на другите парламенти, што секако е наша предност. Во секој случај, верувам дека овој парламентарен состав, и тука мислам на целокупниот состав, мнозинство и опозиција, имаме капацитет и волја да се соочиме и со овој предизвик, свесни дека почитувањето на етичките и моралните норми и принципи е нешто за кое не се добива награда или ордени, туку тоа е наша должност, посочи Џафери.
Потсети дека Собранието во 2018 година донесе Етички кодекс за пратениците, а во февруари оваа година направивме и одредени измени и дополнувања.
-Со ова, како Собрание ги исполнивме препораките на Советот на Европа, поточно препораките на ГРЕКО, и воедно обезбедивме законска рамка која ќе биде добра основа за етичкото однесување на пратениците во Собранието, а во исто време да се спречи и судир на јавниот и приватниот интерес на пратениците во текот на нивниот мандат. Со овој кодекс, РС Македонија влегува во онаа, засега помала група на европски држави кои имаат донесено Кодекс за етичко однесување, односно кодифицирани етички принципи и деонтолошки правила кои ја надминуваат строгата рамка на законските правила. Во донесувањето на Кодексот, кој патем е јавен и достапен на собраниската веб страна, имавме голема помош од нашите меѓународни пријатели, посебно од уважениот професор Фердинанд Мелен-Сукраманиен, некогашен деонтолог во Националното Собрание на Франција, прецизира Џафери.