Шефот на дипломатијата Никола Димитров го прими новиот амбасадор на Црна ГораМарија Петровиќ, која ги предаде копиите на акредитивните писма за нејзиното именување за вонреден и ополномоштен амбасадор на Црна Гора во Република Северна Македонија.

Како што соопшти МНР, соговорниците разменија мислења за најважните области на билатералната соработка. Заемно беа потврдени пријателските односи помеѓу двете земји, а се разговараше и за можностите за нивно унапредување, особено во доменот на економијата и инфраструктурната поврзаност.

Димитров изрази благодарност за силната поддршка од Црна Гора за полноправното членство на нашата држава во ЕУ и НАТО, како и за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство во Северно-атлантскиот сојуз. Притоа, нагласи дека Северна Македонија очекува валоризација на постигнатите успеси, констатирајќи дека следните месеци се клучни, во контекст на обата интеграциски процеси.

Според амбасадорката Петровиќ, членството на земјава во НАТО и ЕУ останува високо на политичката агенда на Црна Гора.

– Се надеваме дека европскиот пат на Северна Македонија, ќе биде исто така успешен како и нејзиниот евро-атлантски пат, изјави таа.

Димитров ѝ посака добредојде и успешна дипломатска мисија во Република Северна Македонија.