Вчерашните претседателски избори беа добро организирани, а гласачите слободно можеа да направат информиран избор меѓу кандидатите.

Изборите беа спроведени добро. Фундаменталните слободи на собир и изразување беа почитувани, а денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен.

Ова се заклучоците од меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Тие, меѓутоа, се согласни дека се уште има голема потреба од реформи во Изборниот законик.

– Овие мирни генерално добро организирани избори покажаа дека може да се изнајде политички волја за одржување демократски избори, рече Серин Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

Таа истакна дека овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина и подвлече дека ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици.

Таа истакна дека од нивното мониторирање се заклучува дека јавниот радиодифузен сервис обезбедил непристрасно информирање што на гласачите им била дадена можност за информиран избор.

Мари-Кристин Дало, шеф на делегацијата на ПССЕ, се согласи дека изборите беа добро организирани и оти гласачите кои учествуваа на изборите можеа слободно да го направат својот избор. Таа, меѓутоа, изрази жалење што излезноста беше мала за претседателските избори.

-Зрело функционирање на политичкиот систем и реформа на изборното законодавство повторно ќе ги заинтересира граѓаните и ќе обезбеди нивно активно учество во изборот на шеф на државата. ПССЕ и Венецијанската комисија се подготвени да им помогнат на властите на Северна Македонија во спроведување на реформите, рече Дало.

Таа подвлече дека државните претставници внимавале да ја задржат одвоеноста меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење државни ресурси во кампањата.

Шефот на ПС на ОБСЕ Рајн Холд Лопатка рече дека сите тројца кандидати се залагале за натамошна европска интеграција и дека во кампањата се расправало за суштински проблеми со дебати за нивните визии за иднината на земјата.

Тој го оцени како значаен напредок тоа што државните претставници не ги мешале политичките и службените активности. Според него, транспарентноста и ефикасноста на ДИК била отежната од техничка неисправност на нивните информациски системи што предизвикало сомнеж за безбедноста на информатичката технологија.

Шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер се согласи со нејзините колеги дека изборите беа добро спроведени и нагласи дека колку многу може да се постигне доколку постои политичка волја.

– Недоволно изедначено известување за средствата потрошени од страна на кандидатите, регулирањето на активностите за кампањата на трети лица и известувањето од страна на политичките партии кои ги поддржуваа кандидатите ја намали транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот, рече Јонкер.

Таа истакна дека Државниот завод за ревизија од два извештаи за финансирање на кампањите објавил само еден на својата веб-сраница и смета дека на ДЗР треба да му се зголемат надлежностите со цел да може да истражува во оваа насока за да има транспарентно и отчетно финансирање на кампањите.

Меѓународните набљудувачи ги повикаа гласачите да излезат во вториот круг со цел да придонесат во одлуките за иднина на земјата.

Меѓународната мисија за набљудување на изборите се состои од 240 набљудувачи од 38 земји, меѓу кои и 189 долгорочни и краткорочни набљудувачи ангажирани од ОДИХР, 39 парламентарци и друг персонал од ПС на ОБСЕ и 12 од ПССЕ.