Собранието не ја процесираше нацрт-одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство. Претседателот на Собранието, Талат Џафери изјави дека без предлог од премиерот, Собранието не може да разреши член на Владата.

Истовремено, се поведе расправа и за оставката која Филипче ја доставил до Заев, а која не е испратена до Собранието. Џафери рече дека тој нема добиено никаков документ и дека нема да трча кај Заев за да го земе.

По ова опозицијата ја напушти собраниската сала и нема да учествува на 50-та седница.

По заминувањето на опозицијата, седницата беше затворена без усвојување на дневниот ред. Барањето на ВМРО за разрешување на Филипче се базираше на членот 68 од Уставот, кој ги гарантира правата на Собранието да избере, именува и разреши носители на јавни функции. Но, членот 94 од Уставот ја обврзува Владата за оставката поднесена од нејзин член, премиерот да мора го извести Собранието, а тоа да ја констатира. Единствениот начин да се разреши член на Владата без нејзин предлог е преку интерпелација во Собранието.