Почитувани пратеници, ве известувам дека за утрешниот ден нема закажани активности, гласи една од СМС пораките кои денеска ја испратил собранискиот спикер, Талат Џафери до пратениците.
Џафери ги информирал пратениците дека зградата на Собранието има и проблем со струјата, а и дека не работи ниту официјалниот сајт sobranie.mk.
– Заради прекин во електричното напојување во Собранието, веб страницата на парлемантот е недостапна, гласи втората СМС порака од Џафери.
Двете пораки се директно информирање на пратениците бидејќи и преку веб-страницата тие се потсетуваат какви активности се закажани во Собранието за наредните денови.
За што станува збор и дали пораките имаат поврзаност со евентуално избегнување на соочување со пратениците по снимката која протече во јавноста, а на која се слуша гласот на Џафери како вика, навредува и пцуе вработени службеници, порталот МКД ги прашала во кабинетот на Џафери.
– Точно е дека за утре не се закажани активности во Собранието, впрочем кога ја затвори последната пленарна седница претседателот не закажа друга седница, ниту други активности. Се работи само за потсетување на пратениците, одговориле за порталот од кабинетот на Џафери.
А за проблемот со струјата било речено дека „тоа прашање не зависи од претседателот Џафери, ниту од институцијата, туку од снабдувачот со струја“, поради што е проблемот и со веб-страницата на Собранието.
Инаку, денеска собранискиот спикер се релаксираше со фудбал. Џафери, заедно со премиерот Димитар Ковачевски, кој изјави дека не му го препознава гласот од скандалозната снимка, денеска на стадионот во скопски Чаир беа на славењето на шампионската титула на ФК Шкупи, заедно со пратеникот и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби.