Трети, 10-ти или 17-ти октомври се можните датуми за одржување на локалните избори. Дали со нив ќе се одржат и предвремени парламентари, спикерот Џафери вели дека тоа зависи од политичките партии, но апелира предвид да се земат роковите за техничка влада, кампањата, увидот во избирачкиот список и работата на ДИК и надлежните институции.
Во меѓувреме Џафери очекува да се нормализира и работата на законодавниот дом, кој изминативе 10 дена нема одржано ниту една седница поради немање кворум. Џафери не знае кога ќе ја закаже следната седница, а вината за тоа ја лоцираше и кај владејачкото мнозинство и кај опозицијата.
Првиот човек на законодавниот дом потврди дека една од причините е и внатрепартискиот конфликт во ДУИ, за што најави и разврска.
Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа. И Деловникот и Уставот е таков, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува, посочи Џафери на денешната средба со новинарите, откако во јавноста се појавија информации за отворен конфликт помеѓу координатороти на пратеничката група на ДУИ и предводиник на чаирскиот огранок Изет Меџити и партискиот секретар и прв вицепремиер Артан Груби.
Покрај од двајцата пратеници на ЛДП, Џафери потврди дека известување за самостоен настап во Собранието има добиено и од Павле Трајанов од Демократски сојуз, но најави за формирање на нова пратеничка група засега нема.