Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само собраниските комисии што ги раководи, но целосна блокада на Собранието не може да има! Собранието без проблеми ќе продолжи да работи на оние точки за кои има предуслови согласно Деловникот, вели Џафери во интервју за Радио Слободна Европа. Што се однесува до уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, иако и Џафери е дел од мнозинството, за разлика од неговите колеги, тој како претседател на Собранието не кажа дали очекува или не дали некој пратеник од опозицијата ќе гласа за уставните амандмани.

На ставовите на Џафери реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде пишуваат дека Џафери ќе остане запаметен како деспот од Форино и како претседател на Собранието кој досега ги направил најбруталните прекршувања на процедурите и законите.

„Во однос на уставните измени за кои Џафери збори тоа не се обврски на државата кон ЕУ, туку обврски на кои криминалната клика на СДС ДУИ пристанаа за да си ги зачуваат фотелјите, а на целосна штета на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура преку целосно национално обезличување и прифаќање на бугарските мегаломански барања“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, изминативе денови различни владини функционери, меѓу кои и првиот вицепремиер Артан Груби, изјавија дека се во контакт со пратеници од опозицијата и дека очекуваат дел од нив, кои ги нарече „проевропско крило“ да ги поддржат уставните измени. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна напиша дека „немаат ништо против ниту еден народ и неговите права во Македонија, но ние сме против уцените од Бугарија“.