Собранискиот спикер Талат Џафери денеска им порача на политичарите да се раководат од Уставот во однос на денот на изборите исто како и тој.
Тоа значи 60 дена од денот на распуштање на Собранието, кое доколку бидат испочитувани сите законски рокови би било на 11 февруари. Веднаш потоа Џафери ќе ги распише предвремените парламетрани избори што треба да се одржат на 12 април.
Владата, порача претседателот на Парламентот, да си ги реши своите блокирани работи во однос на она што и е надлежност, да не се повикува Собранието и да не укажува што да прави Парламентот.
Ако се распушти Собранието на 11 февруари, појасни на денешниот брифинг со новинарите Џафери, во рок од 60 дена треба да има избори, а во рок од 100 дена треба да има Влада. Укажа дека за да свика собраниска седница, треба да има добиено предлог-барање од политичките партии за самораспуштање на Парламентот.
– Ако е рокот 45 дена, како што некој зборува, тогаш кога би бил рокот од 100 дена. Ако во законот некаде има дека може да се скрати на 45 дена нека каже. Јас имам Устав, им порача на политичарите Џафери.
Техничката влада треба да биде избрана 100 дена пред одржување на предвремените парламентарни изборите закажани на 12 април. До Собранието, рече Џафери, крајот на декември треба да пристигне предлог составот за техничката Влада, за да може на 3 јануари да биде закажана седница за гласање на новата Влада.
– Не смее да има избор на Влада во пократок рок од 100 дена, истакна Џафери.
Додаде дека ако нема избор на Влада, според Закон за Влада, не може да се распишат избори и не може да се распушти Собранието.
Уставот од 1991 година, посочи Џафери, не предвидел дека ќе дојде до тоа политичките партии да имаат техничка влада под такви услови. Во смисла на законодавство, рече, Собранието не било спречено да донесе таков закон за влада ако има консензус за тоа односно да се донесе закон за влада во кој ќе стои дека поради некоја пракса за да се одбегнат некои ситуации, политичка одлука е пред секои парламентарни избори, за да се оджат, 100 дена претходно треба да има техничка влада.
Таа влада технички ќе функционира, ќе се извршува технички само она тековното за да овозможи рамноправност на предусловите за избори, не може да има вработувања, унапредувања, не може да има финансии или инвестиции.
– Во нормални демократии вакви работи нема. Ако сакаме институциите да функционираат треба да постапуваат како што е пропишано, а не по налог, рече на брифингот Џафери.
Предвремените парламентарни избори ќе се одржат според досегашниот изборен модел. Ако има политички договор за измена на изборниот модел, колку е временскиот рок за измени, прашаа новинарите, за што Џафери појасни дека редовната постапка е два месеца, а во други процедури, подвлече, може да оди и во еден ден.
Според првиот човек на законодавниот дом, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, рече Џафери, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав. За ова прашање, нагласи, досега не разговарал со лидери на политички партии, а кој има потреба за тоа, подвлече, треба да побара средба и да разговараме. Во таа насока, се осврна на лидерската средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски, на која тој не беше поканет, а на која беше донесена одлуката за предвремени парламентарни избори откако земјава не доби датум за почеток на преговори со ЕУ.