Протоколот за полноправно членство на РС Македонија во НАТО оди со добра динамика, во јуни очекуваме да го ратификува американскиот Сенат и сигурен сум дека уште оваа година, ние и формално ќе станеме полноправна членка на Алијансата.
Ова го истакна денеска собранискиот спикер Талат Џафери на отворањето на дводневниот Специјален семинар „Следните чекори кон НАТО“ што се оддржува со поддршка на американскиот Центар Џорџ Ц. Маршал.
Џафери, како што кажа, верува дека „на самитот на НАТО во Лондон во декември, знамето на РС Македонија ќе се виори на јарболот заедно со другите знамиња на членките на Алијансата како триесетта членка“. Изрази надеж дека исто така следната година ќе ги започнеме и преговорите за интеграција во ЕУ.
Зборувајќи за поефикасна соработка на земјите во борбата против тероризмот и организираниот криминал, Џафери потсети дека на почетокот на јуни во Скопје ќе дојдат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и членовите на Северноатлантскиот совет.
– Мислам дека ова прво доаѓање на Северноатланскиот совет, на чело со генералниот секретар, не е само протоколарна или куртоазна посета, туку има пред се суштинско значење кое се однесува на нашето идно делување како членка на НАТО, рече Џафери изразувајќи убедување дека и овој семинар ќе даде многу конкретни насоки и идеи за нашите идни чекори во НАТО како рамноправна членка која е свесна за своите обврски кон Алијансата и кон сите нејзини членки.
Џафери се осврна на улогата на Собранието во овие процеси потенцирајќи дека реформите мора да продолжат и оти Парламентот мора да работи на јакнење на законодавниот процес преку негова поголема транспаретност, и вклучување на експертската јавност и невладиниот сектор, но и на надзорната улога за да се види дали и како се имплементираат законите.
Процесот на ратификување на протоколот за НАТО во САД е во тек, информираше вршителот на должност американски амбасадор во Скопје Микаела Швајцер – Блум.
– САД сакаат да ја видат С. Македонија наскоро како 30-та членка на НАТО. Кога тоа ќе се случи ние нема да бидеме партнери туку ќе бидеме сојузници, ќе воспоставиме подлабоки односи и взаемна посветеност, рече Швајцер – Блум.
Во Македонија, како што кажа, за неколку дена ќе се одржи воената вежба „Одлучен удар“, една од најголемите воени вежби од независноста.
– Тоа е еден моќен пример за тоа како вашите воени сили се подготвуваат да бидат спремни сили во рамки на НАТО и да соработуваат со другите војски во рамки на Алијансата, а во борбата против идните закани. Исто така тоа ќе биде јасен приказ за тоа кои придонеси може С. Македонија да и ги понуди на НАТО, рече Швајцер-Блум додавајќи дека Армијата направила силен напредок, но дека потребна е уште работа.
За германскиот амбасадор Томас Н. Герберих ова е мошне значаен ден имајќи предвид дека се очекува објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата и очекува да добиеме јасна препорака за почеток на преговори за влез во Унијата. Герберих уште еднаш ја потенцира поддршката што Германија и ја дава на Македонија за интеграција во НАТО и во ЕУ, потенцирајќи го притоа напредокот што земјата го постигна во изминатите две години и особено потпишувањето на Преспанскиот договор, правејќи, како што кажа, огромна разлика во споредба со земјите од регионот.
Герберих вели дека реформиот опроцес мора да продолжи и да се продлабочи, да се надмине етничката поделба, што за него е можно по изборот на Стево Пендаровски за претседател на државата имајќи го предвид неговото мото во кампањата. Но, вели тој, на реформите треба да се фокусираат сите во земјата.
Специјалниот семинар „РС Македонија – Следните чекори кон НАТО“ се очекува да биде еден вид подготовка за она што би следувало по влезот на земјата во Алијансата. Се одржува во пресрет на посетата на Столтенберг и на членовите на Северноатланскиот совет на НАТО на Скопје, но и на воената вежба „ Одлучен удар“, која треба да почне на 5 јуни.