Најбогатиот човек во светот, Џеф Безос обвини американски весник заради уцени. Основачот на гигантот „Амазон“ рече дека станува збор за весникот „National Inquirer“.

– Ако јас со мојата позиција не можам да се спротивставам на овој вид уцени, како можат обичните луѓе да го направат тоа?” – со тие зборови, Џеф Безос на својот блог најави дека ќе ја открие вистината, наместо – како што нагласува – да потклекне пред уцени.

Случаите се од пред еден месец кога Безос и неговата сопруга објавија дека се разведуваат по 25 години брак.

Истиот ден, весникот National Inquirer објави напис за аферата на Безос со негови лични пораки.
Издавачите на таблоидот му се заканувале на Безос дека неговите интимни фотографии со телевизиската водителка Лорин Санчез со која имал врска, ќе бидат објавени ако не престане да истражува како ги добиле неговите фотографии и пораки.

Наместо да се откаже, Безос одлучил да ги открие пораките со кои издавачот го уценувал да се откаже од истрагата. Безос, кој исто така го поседува Вашингтон пост, рече дека очигледно создал моќни непријатели, вклучувајќи го и претседателот Доналд Трамп.
Тој моментно е најбогат во светот со богатство од 136 милијарди долари.