Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден го номинира Џефри М. Ховениер за нов американски амбасадор во Косово, објавија синоќа медиумите во Приштина, пренесувајќи соопштение на Белата куќа во Вашингтон.
Ховениер на чело на дипломатската мисија на САД во Косово ќе го наследи Филип Коснет, кој за амбасадор во Приштина беше номиниран од поранешниот американски претседател Доналд Трамп пред точно три години, во јули 2018 година.
Како и Коснет, и новиот амбасадор во Приштина доаѓа од позицијата заменик амбасадор во Турција. Пред тоа има службувано во амбасадите на САД во Хрватска, Грција, Панама, Парагвај и Перу, а бил и дел од тимот на специјалниот пратеник на Обединетите нации за статусот на Косово. Освен тоа, бил директор за Централна и Југоисточна Европа во Советот за нацинална безбедност на САД. Говори германски, грчки, хрватски и шпански јазик.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, информацијата за скорешната смена на чело на Амбасадата во Косово ја потврди и актуелниот амбасадор во земјата, Коснет, кој преку својата официјална страница на Твитер му ја честита новата задача на неговиот наследник.
– Честитки за мојот колега и пријател Џеф Ховениер за неговото номинирање за иден амбасадор на САД во Косово, напиша Коснет.
Приштинските медиуми кои ја објавија веста го опишуваат Ховениер како мошне добар познавач на приликите во Косово и регионот и потсетуват дека во 2018 година тогашниот косовски претседател, Хашим Тачи го одликува со Јубилејниот претседателски орден за 10-годишнината на независноста, „за неговиот придонес за слободата и независноста на Косово“.
Ховениер во таа прилика изјави дека американскиот став секогаш бил во поддршка на слободата и независноста на Косово.
– Јас и моето семејство се чувствуваме многу почестени. Позитивните промени во Косово се импресивни. Јас секогаш ќе бидам пријател на Косово, изјави тогаш Ховениер.