Обединетото Кралство вети дека ќе обезбеди дополнителни 1,3 милијарда фунти воена поддршка и помош за Украина.
Британскиот премиер Борис Џонсон е еден од најгласните поддржувачи на отпорот на Украина кон руските сили откако рускиот претседател Владимир Путин ја нападна оваа земја на 24 февруари.
Владата на Џонсон досега испрати противтенковски ракети, систем за противвоздушна одбрана и друго оружје во Украина.
Новото ветување, дадено пред состанокот на лидерите на 7-те најразвиени економии во светот – Г7, речиси ги удвојува претходните средства за Украина, а владата додаде дека тоа е највисока стапка на трошење од војните во Ирак и Авганистан, иако не наведе детали.
-Бруталниот напад на Путин не само што предизвикува неверојатно уништување во Украина, туку ги загрозува и мирот и безбедноста низ Европа, рече Џонсон.
Минатата недела тој стана првиот западен лидер кој се обрати пред украинскиот Парламент од почетокот на инвазијата.
Лидерите на Г7, групата во која се вклучени Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, денеска ќе имаат и виртуелна средба со Зелените, само еден ден пред Русија да го прослави Денот на победата, со кој се слави крајот на Втората светска војна во Европа.
Велика Британија соопшти дека дополнителните трошоци за Украина ќе се обезбедат од резервите што ги користи владата за итни случаи.
Владата, исто така, соопшти дека Џонсон кон крајот на мај ќе биде домаќин на состанок на водечките одбранбени компании на кој ќе се разговара за зголемување на производството како одговор на зголемената побарувачка создадена од војната во Украина.