Италијанскиот моден креатор Џорџо Армани ја обвини модната индустрија дека ги „силува“ жените со наметнувањето на краткорочни трендови и сексуално ориентиран маркетинг.
„Време е да кажам што мислам. Дизајнерите ги силуваат жените“, изјави 85-годишниот Армани за новинарите на маргините на ревијата на „Емпорио Армани“ на Миланската недела на модата.
Кога жена шета на улица и гледа реклама на која во прв план се градите и задникот на некоја жена, тогаш и таа сака да биде таква. Така таа, како што вели Армани, станува „силувана“.
„Можете да ја силувате жената на многу начини, така што ќе ја фрлите во подрум или ќе ѝ сугерирате да се облекува на одреден начин“, изјави Армани кој во светот на модата е познат по елегантните модни стилови.
Тој додаде дека во неговата колекција има кратки и долги здолништа, широки и тесни панталони, со што им дава максимална слобода на жените да ги искористат сите можности за облекување.
„Доста ми е од тоа да го слушам зборот „тренд“. Треба да се обидеме да работиме за современата жена. Трендовите не треба да постојат“, изјави Армани и порача дека неговата најнова колекција за млади е инспирирана од девојките со силна волја.
Тој својата колекција есен/зима 2020 ќе ја претстави в недела.