Се проценува дека речиси шест милиони луѓе од овој регион во моментов живеат во странство, што претставува третина од популацијата на Западен Балкан, изјави претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти.

– Без оглед што тие луѓе испраќаат значителен износ во своето родно место, сепак нивните таленти ги користат други земји. Исто така, дознаките немаат значаен ефект на развојот. Тие ја ограничуваат и подготвеноста за работа на оние кои останале „дома“, вели во разговор за РТС Чакрабарти.

Анализите на ЕБРД покажуваат дека при миграциите, земјите повеќе ги напуштаат висококвалификувани кадри, отколку вработени со просечни знаења и вештини.

Претседателот на ЕБРД вели дека миграцијата на квалификувани работници има негативен ефект врз продуктивноста, но и дека негативен ефект на растот може да има и заминувањето на нискоквалификувана работна сила.

– Емиграцијата, посебно на млади обучени кадри, претставува сериозен проблем за Западен Балкан. Миграциите се мотивирани од разликите во приходи во споредба со земјите од Европа. Но, на миграциите, исто така, влијае и незадоволството од домашните политички и економски состојби, вели Чакрабарти.

Тој вели дека решавањето на проблемот со миграциите е многу сложено. – Не станува збор само за зголемување на нивото на приходи, што е тешко прашање само по себе, туку и за креирањето подобри услови за живот на локално и национално ниво. Тоа подразбира подобро функционирање на јавните институции, кои ќе им служат на луѓето, наместо да им ги компликуваат животите, да нудат висококвалитетна здравствена заштита и образование, но и правосуден систем, во рамки на кој судските процеси ќе бидат фер и нема да траат со години, појаснува Чакрабарти.

– Тоа, исто така, подразбира пристап до квалитетно снабдување со вода, но и услуги за пречистување на отпадните води, како и добар квалитет на воздухот. Тоа треба да биде приоритет за креаторите на економската политика, токму онака како што е приоритет подобар пат или железничка пруга, посочи за РТС претседателот на ЕБРД.