ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава по член 353 од КЗ – злоупотреба на службена должност против директорот на ЈП Водовод и градоначалникот на Град Скопје за местење тендери, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во синоќешниот ТВ дуелот со Зоран Заев.

Мицкоски кажа дека функционерите од власта за се ќе сносат одговорност, ќе одговараат пред законот.

– ЈП Водовод и канализација Скопје секоја година објавува тендер за потпишување на рамковна спогодба за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа. И таму потпишале, ги исполниле условите пет економски оператори. Во меѓувреме делот од тој буџет одлучиле да потрошат за реконструкција на водоводна мрежа на улица „Варшавска“. Таа улица е во Тафталиџе. Започната е реконструкцијата на водоводната мрежа во јули, и откако им текнало во октомври дека требало да спроведат интерна процедура за набавка помеѓу овие пет компании кои што потпишале рамковна спогодба. Спроведуваат тендерска постапка во октомври и потпишуваат договор во октомври откако замислете мрежата е хлорирана. Има документ за хлорирање на мрежата на 29-ти септември, рече Мицкоски.

Претседателот посочи дека македонската јавност сама може да увиди за каков криминал станува збор и дека токму овие луѓе се кандидирани за градоначалници, едниот за Град Скопје, а другиот за една скопска општина од редовите на СДСМ.

Шилегов, кој е активен на социјалните мрежи, објавува серијал насловен како „една поинаква приказна“, во која ги велича „проектите за Скопје“. Но, граѓаните заслужуваат да ги дознаат „сите приказни“ за кои се трошат нивни пари.