Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и денеска дејствува еколошки „со сината униформа врз зелена околина“, а возачот на камионот со 49 мигранти, што синоќа се преврте кај Миравци, пак му „киднал“.
Спасовски и во денешната објава на официјалниот профил на Фејсбук ги реди успесите на МВР во замената на начинот на греење во МВР, заштедите и еколошката акција на „сината униформа“:
– 75 реконструирани објекти – 458.330.439 денари инвестирани за енергетска ефикасност; 18.6 милиони денари за промена на стариот начин на греење со нов; 3.5 милиони денари инвестиција во соларни панели во ПЦ Ѓорче Петров – следи поставување на нови соларни панели за 15 објекти на МВР; заштеда на електрична енергија од 7% до 33%, 2021 заштедата е речиси 9 милиони денари, 2020 цели 45 милиони денари, а како основа е земена 2017. најевидентна е заштедата кај дрвото како енергенс кај кое имаме 77% намалување на трошоците; до крајот на 2022 реконструкција и енергетска трансформација на ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе; продолжуваме со спроведување на зелената агенда, во насока на владините приоритети за трансформација на енергетски план, а со цел подигање на јавната свест кај институциите, деловните субјекти и граѓаните за поголеми заштеди и заедничко менување на енергетскиот профил на државата, но и намалена загаденост на воздухот и зелена околина, објавува Спасовски.
И на крајот паролата: Сината униформа дејствува за зелена околина!
Спасовски е еден од најревносните министри со објави на социјалните мрежи за успесите на министерството кое го води.
Секако во овие објави нема да прочитате колку возачи на камиони, комбиња и други превозни средства, со мигранти, им побегнале. Ниту за други „нееколошки“ криминални работи, кражби во магацин на МВР, во магацин за масло од марихуана, нерасфетлени убиства… за кои е надлежно МВР на чело со Спасовски и со „комплекс“ на министерство за екологија!