Лага е изјавата на Стево Пендаровски дека тој лично бил заслужен за поканата во НАТО, а заплашување и манипулација е дека НАТО може да ја избрка Македонија од Алијансата ако биде поништен Договорот склучен со Грција во преспанското село Нивици, вели поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Зоран Дабиќ

Дабиќ, во изјава за порталот Експрес додава дека „ако Пендаровски го прочитал Вашингтонскиот договор ќе види дека таму нема таква можност“.

– Дали е можно еден претседател, па било да е тоа и за кампања, да се спушти толку ниско, па поканата за зачленување во НАТО во 2018 година да си ја присвои себеси. Претседател со китење со туѓи пердуви не бива. Згора на тоа, вчера плаши два милиона народ со закана дека НАТО ќе ја избркал Македонија од членството доколку го раскине Договорот од Нивици!? Па, ако толку бил битен фактор при зачленувањето, Пендаровски требало да го прочита Вашингтонскиот договор и да види дека таква клаузула таму не постои, вели Дабиќ.

Секој просечно образован човек, додава поранешниот амбасадор Дабиќ, ќе разбере дека една одбранбена организација нема никогаш интерес да се намалува, туку токму спротивното – да зајакнува.