Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува: Дарко РУСЕВСКИ
Глава 3
Кузман не прозборе ниту збор додека патуваа со автомобилот. Гледаше надвор кон природата и зградите. Сакаше да биде во парк со семејството. Непријатна мисла му го прекина убавото чувство. Писмото е културно наследство на државата и важен и непобитен доказ за потеклото на светителите.
Пристигнаа во Министерството за култура. Зградата на Министерството беше нова. На ѕидовите имаше слики од настани од славното македонско минато. Самиот објект како да беше изграден од голема почит кон историјата и културата на оваа држава која претрпе толку војни и страдања. На подовите имаше црвен тепих. Од страна, на секои 3 метри, имаше мал постамент и статуа на најпознатите дејци кои се бореле за самостојна, суверена и независна Македонија.
Во собата каде влегоа Кузман и тројцата, кои дојдоа по него, владееше непријатна атмосфера. Едниот вработен седеше на своето место со цигара во уста, додека друг, најверојатно негов колега, седеше од спротивната страна на бирото. Целата просторија мирисаше на фарба, сигурно од штотуку исфарбаните ѕидови, чиј мирис беше прекинуван со мирис од димот на цигарата на вработениот.
– Добар ден! – се обрати Кузман.
– Здраво! – возврати човекот со цигарата, но потоа додаде: – Не знам колку е добар!
– Јас сум Филип, раководителот на Одделот за идентификација, заштита и користење на културното наследство. Колегата до мене е Мартин, стручен раководител за археолошки истражувања – некако разочарувачки се претстави себеси и колегата и повторно седна.
После кратко време повторно додаде:
-Во архивот со легендарно-хагиографски писма ни недостига едно и тоа најважното. Тоа претпоставувам веќе си го слушнал. Некој знаел точно каде да бара. Информацијата за местото каде беше ставено и како беше поставено беше позната само на тројца. А, јас и Мартин сме двајцата од нив. Третиот човек кој го знаеше местото не се јавува со часови. Го пријавивме случајот во полиција и од таму нѝ рекоа дека после 24 часа можат да постапат според правилникот за исчезнати лица. Колешката Сузана секогаш е достапна и секогаш одговара на повикот без разлика што и да работи!
Неговото објаснување го прекина едно досадно ѕвонење од мобилен телефон.
-Да? Филип на телефон – рече тој и излезе од канцеларијата.
Пред целосно да ја затвори вратата се слушна едно „како тоа мислите, убиена?“.
Во собата, откако Филип ја затвори вратата, настана молк. Сите се погледнаа меѓусебно затоа што сите го слушнаа прашањето.
Штом повторно влезе во собата, Филип со избледено лице погледна кон Мартин:
– Ја нашле мртва во нејзиниот стан. Кому таа можеше да згреши? Живееше повлечено и беше целосно посветена на науката. Немаше деца. Мораме да им соопштиме на нејзините родители, доколку се сѐ уште живи. Ние двајцата немавме некој посебен контакт. Многу ми е жал за неа.
Мартин на тоа возврати:
-Живи се. Баш пред некој ден таа зборуваше дека за викенд ќе оди за Охрид да ги посети.
Охрид, Сузана… тоа многу му беше познато на Кузман. Како да го видел или прочитал тоа од некаде. Не можеше да се сети.
– Да Ве прашам… – промрморе Кузман – дали е тоа баш истата Сузана која пред дваесет години го пронајде писмото?
– Да, токму таа – рече Филип. Сакаше да додаде уште нешто, но се воздржа.
-Требаше задутре да се видам со извесна Сузана, која живееше во Скопје на улица „Никола Тесла“ бр.10/2. Не можела да го дознае мојот број, па ја нашла мојата службена електронска пошта. Поштата ја проверив вчера навечер. Во пораката од неа стоеја информации кои ми делуваа збунувачки: наследниците на редот на франечките свештеници сакале да ги спалат сите лоши пишани споменици за нив и ние нема да бидеме поштедени. Да се пазиме, стоеше во мејлот. Треба да се сретнам со неа во среда – раскажа Кузман.
-За жал, нема да се сретнеш со неа. Нашата колешка живееше токму на таа адреса. Неколку пати јас ја собирав и ја носев на работа. Таа секогаш ме чекаше токму покрај паркчето во Карпош 1 и тоа секогаш кај првата зграда за да не мора да се возиме преку спротивната улица. Токму на првата зграда стоеше и името на улицата: Никола Тесла.
Мора да ги пронајдам нејзините истражувања. Можеби таму се крие одговорот, помисли Кузман.
Глава 4
К. беше многу уморен. Сите полемики кои ги водеше во источниот свет, кај Хазарите и Сарацените, го изнемоштија. После една недела одмор откако се врати од кај Хазарите, реши да се посвети на она што му го заповеда василевсот, а кое сево ова време го одложуваше: да создаде азбука со цел да ги научи Словените од север да го читаат писмото на јазик кој им е разбирлив. Ги искористи сите свои претходни знаења и за кратко време, во еден топол мајски ден, го создаде писмото.
Не сакам ни да помислам што сѐ мораат да трпат луѓето од север. Франечките свештеници не бираат средства како ќе го остварат тоа што го наумиле. Во тие предели владееше неписменост, а она што им се предаваше беше на неразбирлив јазик. Луѓето правеа она што им се заповедаше и немаа никаква заштита. Се работи за три кнежества: Моравско, Панонско и Нитранско. Морам да одам да помогнам. Божјиот збор не знае за граници, ниту за јазик, но народот сака да му се обраќа на Бога на оној јазик на кој тој народ милува. Никој не смее со сила да наметне никому ништо. Овие мисли го мачеа К.
Тој не зборуваше со никого. И многу ретко излегуваше. Преведуваше црковни книги од грчки на штотуку создадениот словенски јазик. Не знаеше за ден и ноќ. Спиеше многу кратко и потоа пак стануваше и продолжуваше со работа.
Еден ден не можеше да стане од кревет. Преморот го беше совладал. Мораше да одмори овој ден. Помисли на брат му Методиј, кој се трудеше да држи баланс меѓу македонското словенско население во Брегалничката односно Словенска архонтија, затоа што постојано населението се определувало за различни страни, еднаш за византиското, друг пат за бугарското воено подаништво. Брегалничката мисија беше предизвикувачка токму од тој аспект.
За жал, Методиј не успеа во тој негов подвиг. Оваа мисија доживеа потполн крах. Сега К. го очекуваше брата си да дојде токму во Полихрон, на Олимп, Мала Азија. К. слушна дека брат му се замонашил после неуспехот на Брегалничката мисија. Надвор, пред самите порти на манастирот дојдоа тројца луѓе со престилки какви што облекуваа свештените лица. К. се мачеше да стане, и по неколкуминутна борба со сопствената снага, ја отвори вратата и излезе.
На спуштање по скали го препозна одењето на едниот од свештените лица. Брат ми, прошепоти К. Поразот кај Брегалница му ја беше уништил снагата. Едвај го препознав. Подгрбавен и со затетеравено одење брат ми не личи на себе. Ја нема свежината и ведрината на неговото лице.
Манастирот Полихрон се наоѓаше близу самиот врв на планината Олимп во Мала Азија, кого го штитеа карпи. Од надвор се гледаа само предниот дел од манастирот, дворот и конаците. Средниот дел, наосот и задниот дел, олтарот, беа изградени внатре во карпите. Библиотеката на манастирот беше во најсветлиот преден дел од манастирот веднаш десно од влезната врата. Пред влезната врата стоеше поставен нартексот. Иконите беа свежо нацртани и не се дозволуваше палење на свеќи внатре, сѐ дури не се исушеа до крај иконите. Сите свештени лица беа горди на нив, затоа што иконите беа, помеѓу останатото, и симбол на победа над оние кои не дозволуваа икони во црквите и на јавни места. Уште не беше згаснала до крај омразата меѓу двата табора. Околу манастирот чиниш недопрена природа. Зеленило од сите страни и само една мала патека која водеше од манастирот долу до езерцето подно планината.
Во манастирот Полихрон К пристигна пред недела дена. Тука требаше да се најдат со Методија за да се упатат повторно кај Михаил. Да го сторат она што требаше да го сторат пред неколку години: да го описменат народот словенски од север. Оваа мисија ја одложуваа неколкукратно поради поважните мисии кои Византија без нив двајцата не можеше да ги оствари. Сега конечно пристигна и Методија.
-Добро дојде, Методиј! – рече К.
-Добро те најдов, К. – возврати Методиј.
-Повели во конаците, а остави ги торбите, нив ќе ги симнат моите ученици – рече К.
Откако влегоа двајцата внатре, се затворија во една соба и цело време разговараа. Не сакаа разговорите да ги слушнат и други и се одалечија во аголот дијагонално од вратата. Дури до вечерните часови зборуваа. На излегување, Методија му рече на К:
-Поради овие работи, можно е и да не се вратиме живи!
(Продолжува наредниот петок)