ХОББ е општо име за повеќе белодробни болести, меѓу кои спаѓа и емфиземата, а сите тие болести се апсолутно неизлечиви. Традиционалната медицина нема лек, а нема помош ни од алтернативната медицина, која обично сака да и опонира на традиционалната. Но, лек едноставно нема. Затоа што, на пример, најпластично кажано, кај емфиземата, алвеолите кои ја вршат размената на кислород и јаглерод диоксид во телото и кои личат на правилен грозд, кога болеста ќе навлезе, едноставно изгледаат како гроздот да е згмечен. Тоа на пациентот му го скратува капацитетот на белите дробови, како болеста напредува тој се потешко дише, многумина доаѓаат до степен на 24 часовна кислородна поддршка и на крај – се соочуваат со смртта. Лек, како што кажав – нема.
Пошироката јавност во светот, сепак, неодамна, пред само неколку месеци, слушна поинаква приказна од Мел Гибсон во интервјуто кај Џо Роган. На актерот, кој пушел 45 години, му била откриена емфизема во прв стадиум, но се излечил со интравенозна терапија со матични клетки во некоја клиника во Панама. Еден третман чини околу 40 000 долари, потребни се неколку третмани (не е познато што со пациентите во трет или четврт стадиум од болеста), но како и да е, информацијата дека некаков третман, сепак, постои – проструи низ светот. Иако, Панама и третмани од по 40-50 000 долари се едноставно недостижни за најголемиот број луѓе во светот кои страдаат од ХОББ.
И тогаш, од превезот на тишината се појави Абдулкадер Рахмо, доктор на науки, коосновач, претседател и главен научен директор на SMSbiotech кој вели дека го има методот за излекување од оваа кобна болест со обична инхалација на матични клетки. Молам? Се инхалирате и и’ велите збогум на смртта? Да, токму така. Првата фаза од испитувањата ја спровел во Австралија, а втората фаза треба да започне на почетокот од 2026 година во Кливленд. На прв поглед неверојатно – лечење на ХОББ и неизлечивата емфизема со инхалација? И не само тоа, туку и лечење на гангрената која засега зaвршува со ампутација нa екстремитетите, како и остеоартритис и некои други слични состојби. Го побаравме д-р Рахмо и ова е разговорот со него. Извонредно.
ЈАНЕВСКИ: Добар ден, д-р Рахмо. Ми причинува големо задоволство да ве запознаам. Ви благодарам што го прифативте овој разговор и ќе се потрдудам да ја запознаам овдешната јавност со вашата работа. Можеме ли веднаш да го започнеме разговорот? Прво, посебно ме интересира вашиот метод за лекување на „хронична опструктивна белодробна болест’ (ХОББ), особено емфизема, со методот на инхалација. Ние сме земја, каде што 44 отсто од возрасните луѓе се пушачи, па многумина страдаат од емфизема. Голем дел од заболените, кои се во рана фаза, не ни знаат дека развиле ХОББ. Лек за ова, тоа барем вам ви е јасно, не постои. Можете ли да ми објасните како функционира овој метод? Бидејќи според мене, вашиот метод на излекување на оваа болест, односно болести опфатени со општиот термин ХОББ, метод со обична инхалација н матични клетки, подобар е дури и од научна фантастика.
Д-Р РАХМО: Да. Значи, за тоа користиме матични клетки кои претходно не беа познати. Тие беа откриени неодамна од нас, и ги извлекуваме овие матични клетки од крвта. Тие се ситни, многу мали и многу цврсти, многу отпорни. Овие клетки можат да стимулираат други клетки да стимулираат раст на ново, здраво ткиво, и бидејќи се мали и многу цврсти, можеме да ги небулизаме и да користиме небулизатор, кој создава магла од мали капки вода што ги содржат овие клетки. Потоа можете да ги вдишете во вашите бели дробови. Кога се во белите дробови, тие можат да комуницираат и да се врзуваат за други клетки и да им дадат порака да го излечат ткивото и да поттикнат здрав раст. Така функционира ова.
ЈАНЕВСКИ: Значи, овие мали матични клетки ќе ги заменат оштетените алвеоли кај емфизема?
Д-Р РАХМО: Не, тие самите нема да создадат ткиво. Тие ќе ги стимулираат постојните клетки во телото во белите дробови да растат и да формираат алвеоли и да го формираат здравото ткиво потребно за дишење, кое се оштетува кога имате емфизема. Новото ткиво што се формира е целосно дел од ткивото на домаќинот. Не е туѓо за телото; му припаѓа на пациентот.
ЈАНЕВСКИ: Ако добро разбрав, ќе започнете на почетокот на следната година со втората фаза од клиничките испитувања во Кливленд. А во првата фаза се спроведе во Австралија. Какви беа резултатите?
Д-Р РАХМО: Во првата фаза во Австралија, досега завршивме со двајца пациенти. Овие двајца се она што го нарекуваме пациенти-сентинели. Експериментирате со првите двајца, а потоа ги прегледувате другите пациенти. Овие двајца пациенти се безбедни по третманот бидејќи првата фаза е студија за безбедност. Се обидуваме да видиме што се случува кога луѓето вдишуваат многу од овие клетки кои се туѓи за телото – дали имаат несакани реакции или нешто слично. Студијата покажа дека клетките не предизвикуваат никаква штета, дека нема никакви несакани реакции и странични негативни ефекти. Напротив, тие покажаа знаци на корисни ефекти врз белите дробови. Бидејќи пациентите се всушност пациенти со ХОББ, нели? Ова не се здрави волонтери.
ЈАНЕВСКИ: Кои се вашите предвидувања – колку време ќе биде потребно за еден пациент целосно да се излечи со вашиот метод?
Д-Р РАХМО: Сè уште не знаеме колку сеанси треба да ги лекуваме пациентите. Ова сè уште ќе се истражува за време на испитувањата – не мора во првата фаза, туку во втората и третата фаза. Ќе научиме и ќе разбереме кој е оптималниот број на клетки и колку време ќе биде потребно за да се излечи пациентот. Сè уште треба да го проучиме ова на повеќе пациенти. Секој пациент е различен. Оваа болест има различни фази – прва, втора, трета фаза – па затоа ќе ви треба различен број на клетки во зависност од нивото на болеста, што ја предизвикало, колку е обемна штетата и каде се наоѓа.
ЈАНЕВСКИ: Колку фази се потребни за да се заврши целиот процес?
Д-Р РАХМО: Имаме три фази. Првата фаза е студијата за безбедност, втората фаза е за безбедноста и ефикасноста заедно, а третата фаза се фокусира главно на ефикасноста.
ЈАНЕВСКИ: Значи, третата фаза не е нешто што можеме да го очекуваме наскоро?
Д-Р РАХМО: Третата фаза ќе се реализира за околу две до две и пол години од сега. Сепак, пред тоа, имаме апликации за сочувствителна употреба. Дури и пред да ги завршиме втората и третата фаза, можеме да аплицираме кај различни влади за сочувствителна употреба. На пример, во Соединетите Американски Држави, кога ќе утврдат дека вашиот лек е безбеден, тие ви дозволуваат да лекувате пациенти дури и пред да се одобри комерцијална употреба, за луѓе кои се навистина болни и немаат алтернативи.
ЈАНЕВСКИ: Може ли нашата земја да учествува?
Д-Р РАХМО: Можеби. Не ги знам правилата во Македонија.
ЈАНЕВСКИ: Тоа би било добро, бидејќи, како што реков, има многу пациенти, а многумина дури и не се свесни дека страдаат од емфизем или ХОББ. Дали вашиот метод лекува и други состојби, како што се автоимуните болести, на пример…?
Д-Р РАХМО: Автоимуни – не, но во моментов, го тестиравме третманот на ортопедски заболувања – заболувања на зглобовите како што се остеоартритис на коленото и поправка на тетивите. Веќе лекувавме три лица и ќе лекуваме уште повеќе. Резултатите се многу ветувачки. Следно ќе ги истражиме рамената, колковите и задните дискови. Со тоа што ќе покажеме дека можете успешно да ги лекувате белите дробови и зглобовите, тоа значи дека овие клетки можат да лекуваат многу различни состојби.
ЈАНЕВСКИ: Сакав да кажам дека има автоимуни болести, како, на пример, Вегенер грануломатоза, која кога ќе го нападне телото, ги напаѓа и белите дробови. Се лекува со кортикостероиди или имуносупресиви, но ако се повлече остава лузни, фибрози во белите дробови. Може ли вашиот третман да ги излечи тие фиброза?
Д-Р РАХМО: Проучуваме и ќе проучуваме дали третманот на белите дробови може да спречи или дури и да ја поништи фиброзата. Постојат различни болести што предизвикуваат фиброза, вклучувајќи идиопатска и интерстицијална белодробна болест. Треба да го тестираме ова на повеќе луѓе, но бидејќи третманот се покажа како безбеден, може да се користи подоцна за многу белодробни состојби – дури и акутни како што е долготрајниот КОВИД.
ЈАНЕВСКИ: Можат ли „малите матични клетки“ да направат нешто во врска со спајк протеинот од КОВИД-от или делуваат поинаку?
Д-Р РАХМО: Тие дејствуваат поинаку. Тие не напаѓаат вируси, туку фиброзно ткиво. Тие се врзуваат за фибробластите и ја менуваат нивната генска експресија и однесување. Тоа е единствениот начин на дејствување на овие мали матични клетки.
ЈАНЕВСКИ: А што е со ракот на белите дробови?
Д-Р РАХМО: Овие клетки се за регенерација на белите дробови, а не за борба против ракот. Тоа е друга област.
ЈАНЕВСКИ: Во едно од вашите претходни интервјуа, споменавте мерење на резултатите кај заболените од ХОББ со шестминутен тест за одење. Тоа е прилично прифатлив и едноставен тест, во споредба со прегледите што ги врши пулмолог. Можете ли да објасните повеќе за тоа?
Д-Р РАХМО: Тестот за пешачење шест минути е стандарден тест што се користи кај пациенти со ХОББ. Тие одат шест минути и гледаме колку далеку можат да одат. Постои нормално растојание за здрави лица. По тестот, ги проверуваме нивоата на кислород, а понекогаш и функцијата на срцето.
ЈАНЕВСКИ: Обично, потребни се околу 10 минути за да се помине еден километар. По шест минути одење, какво треба да биде нивото на кислород – 95, 97, 98…?
Д-Р РАХМО: Можам да ви ги испратам точните информации – нивота на кислород, растојанијата, сè. Нашите клинички експерти се занимаваат со тоа и можам да го замолам нашиот директор за истражување да ги испрати.
ЈАНЕВСКИ: Би било многу љубезно од Вас ако го направите тоа бидејќи тоа ќе им помогне на многу луѓе да ја разберат својата состојба.
Д-Р РАХМО: Во право сте. Многу пациенти со ХОББ не се ни свесни дека ја имаат, па затоа бројките се потценети од страна на јавно здравствените власти.
ЈАНЕВСКИ: Колку луѓе страдаат од ХОББ во светот? Еднаш рековте дека станува збор за 400 милиони луѓе?
Д-Р РАХМО: Да, околу 400 милиони, но веројатно тоа е потценет бројка. Многумина со прв стадиум на болеста не ни знаат дека се болни.
ЈАНЕВСКИ: А ХОББ е третата или четвртата најсмртоносна болест во светот, нели?
Д-Р РАХМО: Да, трета или четврта. Околу 3 милиони луѓе умираат секоја година од ХОББ.
ЈАНЕВСКИ: И медицината не може ништо за да помогне во моментов. Мислам дека вашиот метод е единствената надеж за тие луѓе.
Д-Р РАХМО: Да, за жал, во моментов нема ништо што може да ја запре, подобри или да ја излечи болеста. Таа постојано напредува. Со овој третман, се надеваме дека ќе ја запреме, поправиме, па дури и дека ќе ја излечиме.
ЈАНЕВСКИ: Ништо не може да го спречи прогресот кај ХОББ, посебно кај емфизема – дури ни откажување од пушењето?
Д-Р РАХМО: Не. Престанокот со пушење само го забавува напредокот, но сепак болеста продолжува да се развива во потешки форми.
ЈАНЕВСКИ: Дали имате финансиски проблеми со овој проект? Дали имате инвеститори?
Д-Р РАХМО: Да, имаме инвеститори кои инвестирале околу 11 милиони долари досега. Прибираме уште, па дури и странци можат да инвестираат во SMS Biotech.
ЈАНЕВСКИ: Дали ви помагаат Владата на САД или Националниот институт за здравство (НИХ)? НИХ даде пари дури и во Вухан. Зошто не и кај вас?
Д-Р РАХМО: Не, не користевме владино финансирање. Нашите инвеститори ни кажаа дека аплицирањето за владини пари одзема премногу време и справување со бирократија. Тие претпочитаа да нè финансираат директно за да можеме да работиме побрзо. Сепак, имаме договори со војската за истражување и очекуваме да добиеме повеќе грантови откако ќе имаме повеќе податоци за луѓето.
ЈАНЕВСКИ: Ако добро се сеќавам, рековте дека методот на лечење функционира така што се вршат три инхалации во текот на осум дена?
Д-Р РАХМО: Да. Начинот на кој е дизајнирано испитувањето е следниот: првата инхалација во понеделник, втората во четврток и третата следниот понеделник – три сесии во текот на осум дена.
ЈАНЕВСКИ: Колку време трае една сесија?
Д-Р РАХМО: Околу половина час.
ЈАНЕВСКИ: Вадите матични клетки од крвта на болната личност?
Д-Р РАХМО: Не. Овие клетки се извлечени од здрав донор и можеме да ги одгледуваме во голем број. Тие имаат многу ниска имуногеност, така што не предизвикуваат имунолошки реакции или алергии.
ЈАНЕВСКИ: Нема повеќе да ви трошам време. Дали има нешто што би сакале да додадете? Не сум од медицинската област – завршив право – но се трудам најдобро што можам да ве претставам пред луѓето овде.
Д-Р РАХМО: Само сакам да им препорачам на луѓето да ја посетат нашата веб-страница за повеќе информации. Рековте дека изгледа како научна фантастика, но можете да верувате дека сме направиле многу.
ЈАНЕВСКИ: Ви верувам. Затоа ве повикав и ве замолив за ова интервју. За мене, тоа е еден од најголемите медицински пронајдоци во последните 50 или дури 100 години. Наоѓањето лек за емфизема и ХОББ е исто толку големо колку и лекувањето на глиобластома, ракот на белите дробови или ракот на панкреасот. Кога реков дека изгледа како научна фантастика, го мислев тоа во добра волја и на добар начин.
Д-Р РАХМО: Да, разбирам. Многу луѓе, дури и во академската сфера, сè уште не знаат дека постоиме. Кога ќе основате компанија, ги криете работите сè додека не добиете патенти. Сега имаме седум светски патенти за оваа технологија. Таа треба да им даде надеж на луѓето погодени од хронични заболувања, особено ХОББ. Едвај чекаме да го обезбедиме овој третман низ целиот свет.
ЈАНЕВСКИ: Дали очекувате некаква опструкција од страна на Федералната агенција за лекови (ФДА) во Соединетите Американски Држави?
Д-Р РАХМО: Не мислам така. Кога ги контактиравме, беа претпазливи бидејќи малку се знае за овие новооткриени клетки. Затоа почнавме во Австралија – беше полесно. Но, штом ќе имаме податоци за безбедноста, ФДА веројатно ќе нè прими да продолжиме во САД, како на пример во клиниката Кливленд, каде што истражувачите чекаат да го тестираат овој нов третман.
ЈАНЕВСКИ: Тоа е една од најдобрите клиники во Соединетите Американски Држави, зар не?
Д-Р РАХМО: Да, тоа е точно.
ЈАНЕВСКИ: Уште едно прашање: дали со овој метод може да се лекува гангрена?
Д-Р РАХМО: Да, овие мали матични клетки имаат способност да произведуваат нови крвни садови што би можеле да бидат успешни во лекувањето и избегнувањето на смртност на ткивата и клетките.
ЈАНЕВСКИ: Хммм, тоа е уште едно извонредно откритие. За крај, Ве молам, во наредните денови испратете ми го тој тест за одење од шест минути. Би сакал да го публикувам тоа за многумина луѓе да можат да си ја порверат состојбата и врз основа на тоа да решат дали треба да се јават на лекар.
Д-Р РАХМО: Нема проблем. Ќе го замолам нашиот експерт за белодробни заболувања, д-р Џејсон Киркнесес, кој го води испитувањето, да ви ги испрати точните детали со сите податоци за тестот.
ЈАНЕВСКИ: Ви благодарам многу. Се надевам дека ќе можеме повторно да разговараме за неколку месеци со добри вести. Ви посакувам се најдобро, вам и на вашиот асистент и на целиот ваш тим.
Д-Р РАХМО: Со задоволство. Ви благодарам, Дарко, и му посакувам на македонскиот народ многу здравје.
ЈАНЕВСКИ: Ви благодарам многу. Се гледаме повторно, се надевам со уште подобри вести за илјадниците пациенти.
Кој е д-р Рахмо?: Абдулкадер Рахмо, доктор на науки, коосновач, претседател и главен научен директор на SMSbiotech, има диплома за биохемија од Швајцарскиот федерален институт за технологија (ETH) и докторат од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC), во областа на биохемијата. Својата постдокторска дисертација ја завршил во голема клиничка лабораторија во Минхен, Германија. Поранешен вонреден професор по биохемија и медицинска генетика на Меѓународниот универзитет за наука и технологија. Станал коосновач и директор за медицинска биотехнологија на Националната комисија за биотехнологија и член на високиот совет за истражување во Сирија. Во 2015 година, тој е коосновач на SMSbiotech, Inc. врз основа на неговото истражување во биологијата на матичните клетки, а моментално е главен директор и претседател на таа компанија. Има над 30 години искуство во истражување и апликации и ги посветил последните единаесет години на откривање и развој на мали мобилни матични клетки (SMS). Работејќи со една од водечките светски фирми за патенти, тој поднел 13 патенти поврзани со технологијата на мали мобилни матични клетки. Неговиот главен научен интерес продолжува да биде во областа на регенеративната медицина и болестите поврзани со стареењето.
МИА