Новата администрација на САД ќе ја следи и помага евроатлантската интеграција на С. Македонија, а во тој контекст ќе го постави и прашањето за бугарската блокада на приклучувањето на Скопје во ЕУ, оценува Владимир Владимиров, експерт за балкански прашања и координатор на секторот за јавни комуникации и јавни работи на партијата „Републиканците за Бугарија“.
– Претседателот Џо Бајден е исклучително добро запознаен со состојбата во Источна Европа и на Балканот. Една од точките на кои ќе се фокусира новата администрацијата во Белата куќа ќе биде зајакнувањето на источното и на јужното крило на НАТО и ЕУ. Сигурно ќе се дојде и до прашањето за ветото на Бугарија за РС Македонија. Ќе има многу дипломатски рагзоори на таа тема и за тоа дали стратешките интереси на регионот треба да бидат заложници на домашните политички игри и дали Красимир Каракачанов ќе успее да влезе во следниот Парламент?“, изјави Владимиров за бугарската ТВ+ и ТВ.
Доналд Трамп ги водеше САД како корпорација, но сега, наведува бугарскиот аналитичар, во Белата куќа дојде долгогодишен професионален политичар со огромно искуство.
– Мислам дека ќе имаме појасни и посилни пораки од новата американска администрација. Многу важен момент е Македонија, која е една од ретките европски земји што има договор со САД за стратешко партнерство, вклучително и воена поддршка, уште пред да стане членка на НАТО. Еден од интересите што САД ќе го следат и ќе го помогнат е евроатлантската интеграција на Македонија, вели Владимиров.
Во контекст на регионалната политика и позициите на Софија и Бeлград кон Скопје, тој смета дека темата Македонија е премногу важна и за Србија и за Бугарија, а за тоа сигурно се разговарало и за време на неодамнешната посета на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ на Бугарија.
– Србија сигурно има некаква понуда за Бугарија и Северна Македонија сигурно беше тема на разговор, рече Владимиров.
Тој го поставува и прашањето за рускиот логистички и хуманитарен центар во Ниш, кој според него, не е ништо помалку од разузнавачка база, оддалечена помалку од 100 километри воздушна линија од границата со Бугарија.
– Кон кого е насочена оваа база? Министерката Екатерина Захариева треба да праша и за новите руски и кинески оружја што пристигнуваат во Србија, дали е распоредено на границата со Бугарија. Нема одговор на тоа прашање, вели Владимиров.
Според него, Србија има големо политичко, економско и воено-разузнавачко влијание во Северна Македонија.
– Тие контролираат големи политички и економски кругови, а за нив најважното прашање е поврзано со Косово. Доколку Бугарија ја повлече поддршката за Косово, тогаш Србија може да и помогне во спорот околу С. Македонија, изјава бугарскиот аналитичар и експерт за балкански прашања Владимир Владимиров.