Денес очекуваме ДИК да ги објави конечните остварени изборни резултати во ИЕ 6, со што ќе заврши мојот мандат како Дополнителен заменик на министерот за финансии во техничката Влада, напиша на Фејсбук заменик техничкиот министер за финансии, Елена Петрова.

Во продолжение целиот Фејсбук статус на заменик техничкиот министер во финансии, Елена Петрова:

Ова е добар повод уште еднаш да се осврнеме што се’ помина преку Буџетот и Министерството за финансии од почетокот на оваа изборна година (1 јануари – 28 мај 2024 год.) и со што ќе се соочи новата политичка Влада на самиот старт.

📌 Од Буџетот се исплатени вкупни расходи од 2 284 милиони евра, што е зголемување за над 1/3 во однос на просекот јануари-мај (2020-2023) од 1 700 милиони евра.

📌 Остварен е буџетски дефицит од 362 милиони евра, што е зголемување за 60% во однос на просекот јануари-мај (2020-2023) од 227 милиони евра.

📌 Јавниот долг до 30 април има пораст од 328 милиони евра. Месецот мај беше карактеристичен по тоа што до изборниот ден 8 мај имавме четири неработни дена и уште еден после тоа, а после изборите престанаа “забраните” кои важеа до одржување на изборите. Веќе го истакнавме зголеменото трошење во месец мај.

📌 Вкупните буџетски расходи во месец мај (до 28-ми) се 451 милиони евра, што е зголемување за 30% во однос на просекот за ЦЕЛ месец мај (2020-2023) од 348 милиони евра.

📌 Буџетскиот дефицит во месец мај (до 28-ми) од 127 милиони евра е зголемување за 3/4 во однос на просекот за ЦЕЛ месец мај (2020-2023) од 73 милиони евра. Новата Влада ќе наследи стеснет простор за финансирање.

📌 Приходите од најиздашниот извор – ДДВ не се остварени според планот на УЈП за периодот јануари-мај, т.е. има потфрлање за 6%. При тоа, УЈП не го објавува долгот кон стопанството за неисплатен ДДВ поврат кој во следниот период ќе влијае на остварувањето на изворните буџетски приходи.

📌 Во месец мај има значително потфрлање од 21% и кај планот за наплата на данокот на личен доход.

📌 Просторот за финансирање на Буџетот е стеснет, бидејќи се потрошени 2/3 од проектираниот буџетски дефицит за 2024 год.

👉 Новата Влада ќе има предизвик веднаш да направи ребаланс на Буџетот, не само за да обезбеди финансирање на мерките од својата програма, туку и за да ги консолидира приходите и расходите, да обезбеди тековно финансирање на Буџетот до крајот на годината, пред се’ преку кратење на непродуктивни трошоци и имплементирање цврста фискална дисциплина од првиот момент.