Директорот на Службата за односи со јавноста на Елисејската палата и близок соработник на францускиот претседател Емануел Макрон, Силвен Фор најави дека ќе поднесе оставка на функцијата во втората половина на јануари.

Фор, кој раководеше со изборната кампања на Макрон за претседателските избори во 2017 година и беше автор не некои од највпечатливите говори на францускиот претседател, ќе се повлече од функцијата поради „лични причини“.

Четириесет и шестгодишниот Фор најави дека ќе си замине од Елисејската палата „штом биде завршено писмото на Макрон од Французите“.

Тој истака дека по две и пол години соработка со Макрон, прво како претседателски кандидат, а потоа и како претседател, сака да се посвети на „други професионални и лични проекти, како и на своето семејство“.

Во изјава за „Фигаро“, Фор вели дека го запознал Макрон со неговата намера уште пред неколку недели, при што францускиот претседател се обидел да го разубеди за ваквата негова одлука.

Тој додава дека со Макрон имал „извонреден однос, кој би сакал да остане непроменет“, нагласувајќи дека секогаш сметал оти неговата „мисија нема да биде вечна“.

Фор истакна дека по напуштањето на Елисејската палата ќе замине на неколкунеделен одмор, по што најверојатно професионално ќе се ангажира во приватниот сектор.