Францускиот претседател Емануел Макрон предупредува преку својот твитер профил дека  „следните неколку дена ќе бидат одлучувачки“ во борбата против епидемијата, јави дописникот на МИА.

Шефот на француската држава во оваа порака потсетува на петте гестовите за „спасување животи“, „на час, во канцеларија, дома“.

Францускиот премиер Жан Кастекс, како што се приближуваат  изгледите за вакцина против Ковид-19, стравува  дека Французите нема да се вакцинирани доволно, предупредувајќи дека ќе треба „да се живее со вирусот на подолг рок“. Тој притоа изјави дека во владата се разгледува план за периодот и по оваа година, можеби до летото 2021 година, односно се работи на „правилата“ за земјата до доаѓањето на вакцина против коронавирусот.

Француската влада останува претпазлива во однос на вакцините, иако владата „веќе ги обезбедила нарачките “.

-Мојот страв е дека Французите нема да се вакцинираат доволно, вели Кастекс.

Според анкетата на Ипсос објавена во септември, Франција е навистина меѓу земјите каде намерата за употреба на вакцината е најмала. Така, од Французите само 59 отсто би се вакцинирале против Ковид-19, наспроти 74 отсто на глобално ниво.

Жан Кастекс смета дека е можно, доколку се потврди благ тренд на опаѓање на бројот на  случаите со коронавирусот, да се преземат мерки за олеснување на мерките од 1 декември „строго ограничени на продавници“, и врз основа на засилен протокол. Во месеците што доаѓаат, „обратно, теле-работата ќе мора да продолжи, врз основа на рамнотежа што треба да се најде во претпријатијата за да се избегне сè или ништо“, прецизира францускит премиер.

Бројот на згрижените на болничко лекување во изминатите 24 часа во Франција започна да се намалува, како резултат на новите рестриктивните мерки воведени пред три седмици. Стапката на позитивни тестови се намали на 17,3 отсто, во споредба со  20 отсто на почетокот на месецот. Сепак во текот на оваа седмица беше надминат врвот на хоспитализирани лица, регистриран при првиот бран во април. Од почетокот на епидемијата, во Франција починале вкупно 44 246 лица.