Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германскиот канцелар Фридрих Мерц разговараа за претстојниот самит на НАТО, што ќе се одржи во Анкара на 7 и 8 јули, објави Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Турција.
„Претседателот Ердоган рече дека за време на самитот на НАТО, што ќе се одржи во Анкара, очекува Европа да покаже силна волја за зајакнување на сопствената одбрана во рамките на НАТО и зачувување на „трансатлантската врска““, се наведува во соопштението за телефонскиот повик, објавено на официјалниот профил на Фејсбук на институцијата.
Ердоган му ги претстави на Мерц напорите што ги прави Турција за да ја заврши војната меѓу Русија и Украина.
„Претседателот изјави дека Турција вложува напори да ја заврши војната меѓу Русија и Украина со траен мир и работи на продолжување на преговорите и оживување на дипломатскиот процес“, се вели во соопштението за разговорот.
Се наведува дека биле дискутирани и билатералните односи меѓу Турција и Германија, како и регионалните и глобалните прашања. Ердоган го уверил Мерц во својата желба за развој на односите меѓу Турција и Германија и ја нагласил потребата двете земји да преземат чекори во овој поглед.




