Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку објава на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук го поздрави договорот меѓу САД и Иран, кој треба да стави крај на воениот конфликт, и повика на воздржаност од постапки и изјави кои би ја зголемиле напрегнатоста пред потпишувањето на документот.

„Сакам особено да истакнам дека е неопходно да се покаже внимание и да се избегнуваат изјави, провокации и постапки, како и можни саботажи во периодот до полагањето на потписите“ – напиша Ердоган.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави за постигнатата спогодба и истакна дека САД ќе ја запрат блокадата на Иран, а Ормуската Теснина ќе биде отворена, што може да ги ублажи високите цени на нафтата и тензиите на светските пазари. Клучните детали од договорот сепак допрва треба да се усогласат.

Турскиот претседател ја оцени веста за постигнувањето на мирот како долгоочекувана за целиот свет. Ердоган му се заблагодари на Пакистан за напорите како посредник во мировните преговори, како и на Катар и на Саудиска Арабија за поддршката преку дипломатски чекори.

Ердоган увери дека неговата земја ќе продолжи да придонесува и да го поддржува воспоставувањето на мир, стабилност и спокојство во регионот.