Андер Ерера објасни зошто одлучил да потпише со Пари Сен Жермен.

29-годишниот играч од средниот ред премина во францускиот шампион како слободен агент откако неговиот договор со Манчестер Јунајтед истече. Шпанецот е врзан за парижаните пет години и ќе добива околу 300.000 фунти неделно.

По промоцијата, Ерера го опиша Париз како „најубав град во светот“.

– Пари Сен Жермен е најголемиот клуб во Франција. Постојано се развива, се бори за секој можен трофеј. Се надевам дека ќе продолжиме да пишуваме историја. Ветувам три нешта: работа, професионалност и страст, изјави играчот.

Тој додаде дека една од причините да го избере ПСЖ се навивачите.

– За време на натпреварот во Лигата на шампионите на „Олд Трафорд“, навивачите на ПСЖ беа неверојатни. Пееја, го поддржуваа тимот во текот на целиот натпревар. Тоа е нешто што нема да го заборавам, вели халфот.

Според англиските медиуми, причината са не остане во Манчестер Јунајтед е малку поинаква. Ерера побарал плата од 350.000 фунти неделно и петгодишен договор со кој ќе биде вториот најскап играч во клубот по Алексис Санчез.

Шпанецот пристигна на „Олд Трафорд“ од Атлетик Билбао во 2014 година. Тој одигра 189 натпревари и постигна 20 гола во дресот на „црвените ѓаволи“.