Подготовка: Денешен.мк

„Сега е критично време“, рече израелскиот министер за здравство, Ницан Хоровиц, додека 56-годишник доби трета доза од вакцина против КОВИД-19 на 13 август, денот кога неговата земја стана првата нација што понуди трета доза вакцина за луѓетона возраст од 50 години и повеќе се вели во текстот на sciencemag.org.

„Ние сме во трка против пандемијата“. Неговата порака беше наменета за неговите сограѓани Израелци, но тоа е предупредување за светот. Израел има меѓу највисоките нивоа на вакцинација во светот за КОВИД-19, со 78 отсто од оние кои се на 12 години и постари целосно вакцинирани, огромното мнозинство со вакцината Фајзер.

Сепак, земјата сега бележи една од највисоките стапки на инфекција во светот, со скоро 650 нови случаи дневно на милион луѓе. Повеќе од половина се целосно вакцинирани луѓе, што ја нагласува извонредната преносливост на варијантата Делта и ја поттикнува загриженоста за придобивките од вакцинацијата. И покрај големиот број на вакцинирани Израелци, новите инфекции беа неизбежни бидејќи вирусот ја проби заштитата, а невакцинираните се уште се со голема веројатност да завршат во болница или да умрат. Но, искуството на Израел го наметнува прашањето за другите земји сугерирајќи дека дури и најмногу вакцинираните земји ќе се соочат со наплив на Делта.

„Ова е многу јасен предупредувачки знак за остатокот од светот“, вели Ран Балисер, главен директор за иновации во Clalit Health Services (CHS), најголемата израелска организација за одржување на здравјето (HMO). „Ако може да се случи овде, веројатно може да се случи насекаде“.

Израел сега е внимателно следен затоа што беше една од првите земји што започна со масовно вакцинирање во декември 2020 година и брзо постигна висок степен на покривање на населението на што завидуваа и другите нации – некое време. Нацијата од 9,3 милиони, исто така, има робусна јавна здравствена инфраструктура и население целосно запишано во HMO, овозможувајќи и да произведе висококвалитетни податоци од реалниот живот за тоа колку добро функционираат вакцините. „Ги гледам [израелските податоци] многу, многу внимателно, бидејќи тоа се некои од апсолутно најдобрите податоци што излегуваат насекаде во светот“, вели Дејвид О’Конор, експерт за секвенционирање вируси на Универзитетот во Висконсин, Медисон.

„Израел е моделот“, се согласува Ерик Топол, лекар-научник во Scripps Research. „Тоа се чисти mRNA (гласник РНК) вакцини… Има многу високо ниво на вакцинирано население. Израел е работна експериментална лабораторија од која треба да учиме“.

„Имаме богати податоци на индивидуално ниво што ни овозможуваат да обезбедиме докази од реалниот живот во скоро време“, вели Баличер. (Обединетото Кралство, исто така, собира многу податоци. Но, тамошната  кампања за вакцинација доби на масовност подоцна од Израел, што направи сегашната ситуација помалку да може да се користи за да се предвиди иднината; и Британија користеше три различни вакцини, што го отежнува анализирањето на податоците.)

Сега, ефектите од намалувањето на имунитетот може да почнат да се покажуваат кај Израелците вакцинирани во почетокот на зимата; труд објавен повторно минатиот месец од лекарот Тал Паталон и неговите колеги во КСМ, откри дека заштитата од инфекција КОВИД-19 во текот на јуни и јули опаднала пропорционално со протокот на времето од вакцинирањето. Луѓето вакцинирани во јануари имаа 2,26 пати поголем ризик за пробивна инфекција од оние вакцинирани во април. 

Во исто време, случаите во земјата, кои едвај се регистрираа на почетокот на летото, двојно се зголемуваат секоја седмица на време од 10 дена, а варијантата Делта е одговорна за повеќето од нив. Бројот на заразени се искачи на највисоко ниво од средината на февруари, при што почнаа да следуваат хоспитализации и приеми во единици за интензивна нега. Колку од сегашниот наплив се должи на слабеењето на имунитетот наспроти моќта на варијантата Делта да се шири како пожар е неизвесно.

Она што е јасно е дека „пробивните“ случаи на инфекција не се ретки. Од 15 август, 514 Израелци беа хоспитализирани со тежок или критичен КОВИД-19, зголемување од 31% од само 4 дена порано. Од 514, 59 отсто биле целосно вакцинирани. Од вакцинираните, 87% биле на 60 години или постари.

„Има толку многу пробивни инфекции (инфекции кои настанале така што вирусот го пробил имунитетот) што доминираат и повеќето хоспитализирани пациенти се всушност вакцинирани“, вели Ури Шалит, биоинформатичар во Израелскиот институт за технологија (Технион), консултант на Владата за КОВИД-19.

„Една од големите приказни од Израел е: „Вакцините работат, но не доволно добро“. „Најстрашното нешто за Владата и Министерството за здравство е товарот на болниците“, вели Дрор Меворач, кој се грижи за пациентите со КОВИД-19 во болницата Хадасах Ајн Керем и ја советува Владата…. „Персоналот е исцрпен“, вели тој…

За да се обиде да го смири порастот, Израел се сврте кон засилувачка трета доза вакцинирање, почнувајќи од 30 јули со луѓе од 60 години и постари, а минатиот петок почна со трета доза и на луѓе од 50 години и постари. Од понеделник, скоро 1 милион Израелци добија трета доза, според Министерството за здравство… Истражувањата покажаа дека третата доза предизвикува брз пораст на антитела, кои се потребни во носот и грлото како клучна прва линија на одбрана од инфекција. Одлуката на израелската Влада да започне да ги зајакнува со трета доза оние на 50 години и постари беше донесена од прелиминарните податоци на Министерството за здравство кои укажуваат дека луѓето над 60 години кои добиле трета доза имале за половина помала веројатност отколку нивните врсници двапати вакцинирани да бидат хоспитализирани во последните денови, вели Меворач.

…Сепак, малку е веројатно дека третата доза сама ќе го скроти бранот на Делта, вели Двир Аран, научник за биомедицински податоци во Технион. Во Израел, сегашниот наплив е толку голем што „дури и ако две третини од оние со 60 години и повеќе добијат трета доза, тоа ќе ни даде уште една недела, можеби 2 недели време до поплавување на нашите болници“.

…Пораката на Аран до Соединетите Држави и другите побогати нации кои размислуваат за трета доза е: „Немојте да мислите дека третата доза е решението“.