Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ја заврши посетата на земјава, со порака дека САД ги гледаат како партнери оние кои се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата. Ескобар, кој изминатите два дена беше во Скопје, покрај со државниот врв, се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој останува на ставот дека опозицијата нема да поддржи уставни измени под, како што велат, бугарски диктат.
-Нема никого да подложувам на тортура овде. Сакам јасно да посочам дека САД не избира влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања и единствената работа за која што ќе зборувам е да ја дадам истата порака што ја даваме на сите во регионот, дека САД ги гледа како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата. Сакам тоа да биде јасна порака, рече Ескобар на прес-конференцијата во Владата запрашан каква порака носи за лидерот на опозицијата.
Ескобар рече дека Македонија се покажала како вистински пријател и сојузник на САД и оти сакаат да ја видат земјата како дел од ЕУ.
Западен Балкан, според Ескобар, е најнадежниот дел од Европа со најбрз економски раст и потенцијал да биде двигател и на растот на ЕУ.
– И требате на Европа, и Америка има потреба од вас во Европа. Се надевам дека, како Ваш најблизок стратешки партнер и близок пријател, некој што директно имал корист од тоа партнерство, дека и Вие ќе имате корист од нашето партнерство, како што треба да направите тешки одлуки за посветла иднина, рече Ескобар.
На средбата со премиерот Ковачевски разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за проширувањето на Европската Унија, регионалната стабилност и европската безбедност.
Во владиното соопштение по средбата на Ковачевски со Ескобар се нагласува дека на состанокот е оценето дека кој било друг исход од можноста да се продолжи по европскиот пат не е државен и стратешки интерес. Поради тоа, како што се вели, заедничка е согласноста дека претстојната одлука во Собранието на Република Северна Македонија, треба да биде државничка, во насока на интеграција, а не изолација.
-Република Северна Македонија, за остварувањето на евроинтеграциската цел, има недвосмислена поддршка дома, од македонските граѓани и како никогаш досега и однадвор, од меѓународните партнери. Постигната е преговарачка рамка со ЕУ со целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и очекувањето е да се продолжи напред со државнички одлуки за европски квалитет на живот во државата и на линија на стратешките интереси за стабилност на Европа, се вели во владиното соопштение.
На прес-конференцијата во Владата, премиерот Ковачевски рече дека нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка.
-Нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка, како што некои политичари истакнуваат. Она што ние треба да направиме како политичко лидерство е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ. По членството во НАТО, Северна Македонија треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи Европската Унија е нашата единствена алтернатива и директен интерес на граѓаните и барање на граѓаните, рече Ковачевски.
Тој останува на ставот дека секоја стратешка одлука е одлука што ја определува иднината на повеќе генерации.
Според Ковачевски, има доволно време за да се донесат уставните измени, а суштински е овој процес да се води низ дебата. Верува дека и во ВМРО-ДПМНЕ има европски капацитет.
– Она што сметам дека е важно е овој процес да се води низ дискусија и опозицијата да сфати дека треба да учествува во овој процес. Важно е за партијата да биде дел од тој процес. Верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ има европски капацитет којшто тоа може да го направи и сметам дека имаме доволно време пред нас тоа и да се случи бидејќи во спротивно алтернативата е блокада и изолација, рече Ковачевски во интервју за телевизија 21.
Опозицијата останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени под диктат и бара предвремени избори. Во соопштението по средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Ескобар се наведува дека Мицкоски потенцирал оти актуелната власт за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД.
-Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет, наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштение објавено по средбата.
Американскиот заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, оствари средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
На средбата со претседателот Пендаровски е потврдена поддршката од САД за европските аспирации на земјава и изразено е очекување од официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Со министерот за надворешни работи Бујар Османи разменети се мислења за актуелните политички случувања, со акцент на европското досие на Република Северна Македонија, како и потребата од продолжување на процесот на преговори со ЕУ преку спроведување на уставните измени.