Естонската министерка за образование, Маилис Репс, денеска поднесе оставка на функцијата по медиумските извештаи дека користела државно возило и возач за да ги носи своите деца на училиште, јави ДПА.

Според таблоидот Охтулехт, возач од министерството повеќе пати го користел владиниот автомобил за да ги однесе и земе нејзините деца од училиште.

„Се најдов под силен притисок да ја усогласам улогата на министер и мајка. Признавам дека направив грешки и се извинувам за нив“, напиша 45-годишната жена на Фејсбук.

ДПА пренесува дека по обелоденувањето на скандалот, Репс признала и дека неодамна повеќе пати го користела владиниот автомобил за приватни цели.

Премиерот Јури Ратас, кој ја бранеше Репс, рече дека со жалење ја прифатил оставката на неговата сопартијка.

Таа е третиот член на владата што ја напушти функцијата овој месец, додава ДПА.