Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел изјави дека ЕУ жали, но целосно ја почитува одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата и да стане „трета земја“.

Тој најави дека дипломатското претставување на ЕУ во Велика Британија од денеска ќе го извршува Делегација на ЕУ, предводена од амбасадорот Жоао Вале де Алмеида.

– Покрај традиционалните одговорности на Делегацијата на ЕУ во трета земја, како што се дипломатско претставништво на ЕУ, координација, известување и промоција на ЕУ во земјата домаќин, делегацијата ќе има има клучна улога да обезбеди спроведување на Договорот за повлекување на Обединетото Кралство. Заедно со амбасадите на земјите членки на ЕУ, исто така, ќе ја подигне свеста за правата на европските државјани во Обединетото Кралство по Брегзит, порача Борел веднаш по официјалниот излез на Велика Британија од ЕУ.

Тој нагласи дека економскиот, социјалниот и политичкиот однос меѓу ЕУ и Обединетото Кралство нема да заврши.

– Ние сме и ќе останеме тесно поврзани. Имаме желба да изградиме ново амбициозно партнерство низ трговска и економска соработка, спроведување на законот и кривично правосудство, надворешна политика, безбедност и одбрана, истакна Борел.