Еврокомесарката за конкуренција Маргарет Вестагер најави дека Европската комисија посериозно ќе го разгледа прашањето за универзалните полначи за смартфони таблетите, кое речиси десет години е на маса без никаков напредок.

– Со оглед на недоволниот напредок на доброволниот пристап, ЕК наскоро ќе започне студија за импакт за да ги процени трошоците и придобивките од други разни опции, изјави Вестагер.

Прашањето е на маса од 2009 година во секторот, но до сега согласност не е постигната. Пред десет години, 14 производители на смартфони, меѓу кои Нокиа, Епл и Самсунг, потпишаа протокол за согласност и универзалниот полнач требаше да се појави на пазарот во 2011 година, но секојпат се одложуваше стартот од технички причини – многу од марките се одлучуваа за различни варијанти на УСБ, а од протоколот секоја година се повлекуваше по некоја марка, така се до 2017 година.

ЕК смета дека сега е време да настапи, да направи студија и да одлучи дали ќе ги наметне универзалните полначи, доколку студиите покажат дека тоа е најдоброто решение.

Освен што универзалниот полнач ги поедноставува и поевтинува работите за потрошувачот, мерката има и еколошки бенефити – намалување на отпадот. Само во 2009 година ЕК процени дека отпадот од мобилните полначи изнесувал 51.000 тони.