Еврокомесарот Јоханес Хан утре ќе ги посети Белград и Приштина каде ќе разговара за одлуката на косовската влада за воведување на царини од 100 отсто за стоките од Србија и БиХ, пишува тимот на Хан во пораката на Твитер.

– ЕУ комесар Јоханес Хан ќе ги посети Приштина и Белград во понеделник, 3 декември. Главен фокус на неговата посета е неодамнешната одлука на владата на Косово за воведување тарифа на стоката од Србија и БиХ, се наведува во пораката, која ја ретвитна и европскиот комесар за добрососедска политика и проширување.

Претходно беше најавено дека Хан ќе ја посети Приштина, каде ќе разговара со премиерот Рамуш Харадинај и со претседателот на Собранието, Кадри Весели.

Повикувајќи се на неофицијални информации, РТВС јави дека Хан пред посетата на Приштина, накратко ќе пристигне во Белград за да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.