Шефот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман денеска во Тбилиси ја предупреди грузиската Влада дека предложениот нацрт-закон за „странски агенти“ е неприфатлив и дека доколку стапи во сила, тоа ќе биде значајна пречка за надежите на Грузија за членство во Унијата.
Тој рече дека Брисел внимателно ја следи ситуацијата во Грузија и е загрижен за случувањата во земјата.
„Сведоци сме на вознемирувачки случувања околу нацрт-законот. Во формата во која беше усвоен во второ читање, законот е неприфатлив и ќе создаде сериозни пречки за европскиот пат на Грузија. Но, сè не е изгубено и има уште време. Во септември ќе подготвиме препораки (дали да ги започнеме пристапните преговори со Тбилиси) и во периодот октомври-ноември ќе излеземе со извештај, така што има уште време. Но, сега топката дефинитивно е во полето на грузиската Влада“, рече Копман.
Грузискиот Парламент вчера го усвои второто читање на нацрт-законот за „странски агенти“, кој беше критикуван дека е по примерот на Русија. Имаше и судири во кои полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера луѓето кои протестираа пред зградата на Законодавниот дом за да го изразат своето противење на законот.
Се очекува предлог-законот да се разгледува во трето читање за околу две недели.
Фото: МИА архива