Европската унија денеска изрази жалење поради одлуката на САД за враќање на претходно укинатите санкции кон Иран и најави дека од утре ќе стапат во сила мерките за заштита на интересите на европските компании што соработуваат со ирански фирми.
– Длабоко жалиме затоа што САД ги враќаат санкциите по нивното повлекување од Заедничкиот сеопфатен акциски план, се наведува во заедничко соопштние на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија и Франција.
Заеднички сеопфатен акциски план е официјалниот назив на договорот за иранската нуклеарна програма, што во 2015 година го постигнаа Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија.
Во соопштението се нагласува и дека од утре ќе стапат во сила мерките на ЕУ за заштита на европските компании што соработуваат со Иран од последиците на американските санции.
– Решени сме да ги заштитиме европските компании кои водат легален бизнис со Иран во согласност со законодавството на ЕУ и резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН, се нагласува во соопштението.
Четворицата европски дипломати исто така истакнуваат дека очекуваат од Техеран да продолжи целосно да ги почитува своите обврски од Договорот за иранската нуклеарна програма, со чие потпишување беа укинати западните санкции кон Иран.
– Укинувањето на санкциите е основен елемент на договорот, кој има за цел позитивно да влијае врз трговските и економските односи со Иран, но и врз животот на иранскиот народ, се наведува во заедничкото соопштение, во кое се нагласува посветеноста на ЕУ за опстојување на договорот за иранската нукеларна програма и покрај повелкувањето на САД од него.
Мерките за заштита на европските компании, кои ќе стапат во сила утре во 6 часот, им овозможуваат на фирмите со седиште во ЕУ да добијат надомест за претрпените штети од американските санкции кон Иран.
Со мерките, исто така, на европските фирми им се забранува почитување на „екстериторијалните санкции на САД, со исклучок на случаите кога за нешто такво специјална долука ќе донесе Европската комисија“.