Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево треба да ја посети германската канцеларка Ангела Меркел пред клучните прeговори на ЕУ кон средината на јули за фондот за опоравување од коронавирусот и за повеќегодишниот буџет.

Франција и Германија, како и јужните земји кои се тешко погодени од вирусот, го поддржуваат предлогот на Европската комисија за создавање фонд за обнова кој вклучува 500 милијарди евра во буџетски трансфери и 250 милијарди во заеми.

Но, групата наречена „штедлива четворка“ – Австрија, Данска, Холандија и Шведска – се спротивставуваат на големите заеми без никакви реформски услови.

Извор од Елисејската палата минатата недела изјави дека Франција е оптимист и решена за тоа.

Тој рече дека посетата на Макрон на холандскиот премиер Марк Руфе во Хаг во вторникот донесе одреден напредок и дека во интерес на сите е да се постигне договор во јули.

Претходно овој месец, лидерите на ЕУ одржаа видео состанок од кој немаше резултат и треба повторно да разговараат на 17-18 јули, овојпат на физички состанок, за да се обидат да постигнат договор за пакетот за опоравување и за буџетот на Унијата за 2021-2027 година.

Макрон и Меркел ќе разговараат за претстојното германско претседателство на Европскиот совет и прашањата поврзани со климата, трговијата и миграцијата на нивната попладневна средба во Мешеберг, северно од Берлин, посочи претставникот од Елисејската палата.