Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека посредувал во постигнувањето договор за прекин на политичката криза во Грузија и притоа на политичките лидери во земјата им честиташе на постигнатиот договор.

Поддржувачите на грузиската опозиција во последните неколку недели протестираа, барајќи ослободување на опозицискиот лидер Ник Мелија и распишување предвремени парламентарни избори.

Британските медиуми потсетуваат дека полицијата во февруари го уапси Мелија, претседавач на Обединето национално движење (УНМ), по упадот во просториите на партијата и конфликтот со приврзаниците.

Мелија е обвинет за поттикнување насилство за време на уличните протести во јуни 2019 година, што го отфрли како политички мотивирано обвинение.

Случајот со Мелија го натера тогашниот премиер Ѓиорѓи Гакарија да поднесе оставка и предупреди дека затворањето на опозициски политичар може дополнително да ги продлабочи политичките конфликти во Грузија.

Грузиската опозиција ја оспорува победата на партијата Грузиски сон-Демократска Грузија на парламентарните избори во октомври минатата година и бара распишување предвремени парламентарни избори.