Претседателството на германската владеачка Христијанско-демократската унија (ЦДУ) уште еднаш го поддржа својот нов претседател, и премиер на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, во кандидатурата за демохристијански кандидат за канцелар на парламентарните избори во септември, јави ДПА.

Членовите на сојузното претседателство на ЦДУ рано утринава, по шестачовниот работен состанок, го поддржаа Лашет со 77,5 проценти од гласовите на членовите на највисокотло партиско тело.

Од 46 члена на претседателството, 31 член гласаа за Лашет, девет беа за лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, а шестмина беа воздржани.

Зедер, претседател на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), помалата партија во повеќедецениската демохристијанска коалиција  ЦДУ/ЦСУ, беше поддржан од 22,5 проценти од членовите на претседателството на ЦДУ.

По неуспешните обиди за време на викендот двајцата претседатели да постигнат меѓусебен договор за тоа кој од двајцата да ја понесе кандидатурата за функцијата канцелар, Зедер вчера соопшти дека одлуката за канцелар ќе зависи од претседателството на ЦДУ, поголема партија од двете во Унијата.

-Доколку претседателството на ЦДУ вечерва јасно го поддржи Лашет, ние ќе ја почитуваме таа одлука, рече Зедер вчера попладне, по состанокот на претседателството на ЦСУ. Притоа тој не кажа што ќе смета дека е „јасна поддршка“.

Кандидатурата на Лашет допрва треба да биде потврдена и од раководството на ЦСУ.

Зедер во последните денови инсистираше на својата кандидатура, повикувајќи се на подобрите резултати во анкетите на јавното мислење и меѓу гласачите воопшто и меѓу  гласачите на ЦДУ/ЦСУ.

Лашет изјави дека изборите се „важен сигнал“ во процесот на конечна селекција на кандидатот за канцелар на Унијата и можен наследник на канцеларката Ангела Меркел, која се повлекува од политиката по завршувањето на сегашниот мандат.

Во историјата на Унијата ЦДУ / ЦСУ, само двајца политичари од ЦСУ, Франц Јозеф Штраус и Едмунд Стојбер влегоа во трка како кандидати за канцелар.

ЦСУ ја претставува демохристијанската опција во Баварија, а ЦДУ во другите 15 германски покраини.