Европската Унија ја засилува својата воена поддршка за Украина, со мисија за обука на 15.000 украински војници на територијата на ЕУ, што се очекува да почне денеска и доделување на нови 500 милиони евра за набавка на оружје.
Tоа е голем чекор и прв од ваков вид за ЕУ. Никогаш не сме извршиле мисија од такви размери, забележува европски функционер.
Се очекува министрите за надворешни работи на 27-те земји членки на денешниот состанок во Луксембург да ги одобрат тие две одлуки и мисијата веднаш да почне да функционира, додаде дипломатски извор.
Министрите, исто така, треба да поддржат уште 500 милиони евра воена помош, со што вкупниот износ доделен од почетокот на руската инвазија во февруари, ќе достигне 3,1 милијарди евра.
Во моментов, во различни земји на ЕУ, особено во Германија и Франција, се одржуваат курсеви за обука на украинските војници, кои се обучуваат да користат оружје, ракетни фрлачи и системи за противвоздушна одбрана, доставено од Европа.
Франција во саботата соопшти дека ќе обучи „до 2.000 украински војници“ на нејзина територија.
Севкупно, целта е да се обезбеди „основна обука“ за 12.000 украински војници и „специјализирана обука“ за 2.800 други, тврди европски извор.