Евролидерите ќе објават дека не е постигнат успех во преговорите за трговски договор меѓу Велика Британија и Европската унија по брегзит, јави Блумберг.
Блумберг го цитира нацрт-документот подготвен за европските лидери кои ќе учествуваат на дводневниот самит в четврток и петок. Евролидерите на состанокот ќе кажат дека напредокот по клучните прашања на ЕУ се уште не е доволен за постигнување договор.
Тие ќе побараат од шефот на ЕУ преговарачот за брегзит, Мишел Барние, да ги засили преговорите за да се постигне договор што може да се спроведе од 1 јануари 2021 година.
Во документот се забележува и дека лидерите ќе ги повикаат земјите-членки да ги засилат подготовките во случај на брегзит без договор.
Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари и ќе ги напушти единствениот пазар и царинската унија на 31 декември по 11-месечен преоден рок. Двете страни се уште не можат да се договорат за неколку клучни прашања: целосно спроведување на договорот, правила за фер и правична конкуренција и правила за пристап до вода и риболов.
Доколку двете страни немаат трговски договор, трговијата меѓу нив ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација, што може да доведе до големи економски и транспортни проблеми.