Европската комисија денеска соопшти дека до сите земји членки почна да ги доставува заеднички купените вакцини против мајмунски сипаници.
Првите 5.300 од 109.090 набавени дози ги добива Шпанија, се наведува во соопштението на ЕК до медиумите.
„Првите испораки на вакцини од денеска пристигнуваат во најзагрозените земји како одговор на појавата на мајмунски сипаници“, се наведува во соопштението на еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес.
Португалија, Германија и Белгија се следните во редот за примање на вакцината против мајмунски сипаници.
„Натамошните испораки до другите земји членки ќе бидат извршени во текот на јули и август“, се додава во соопштението.
Дозите се поделени меѓу земјите според големината на населението, а предност се дава на најтешко погодените земји од ЕУ.
Според Европската комисија, од 18 мај до денес во Европската унија, Норвешка и Исланд се пријавени 2.682 случаи на мајмунска сипаница.