Вработените во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бараат гаранција за исплата на отпремнините, пари за плата и работа, а за утре најавуваат протест пред Владата во Скопје.

Вработените се информирани за пакетот за технолошки вишок што владата го подготвува за 130-ина вработени, но прашуваат од каде ќе се најдат пари кога фабриката е во крајно незавидна ситуација, со напластени долгови за неплатена струја од околу 100. 000 евра, три недели со исклучена струја, без работа и без плата.

Според Цветан Бунтески, член на синдикатот на „Еурокомпозит“ не е спорен пакетот, туку каде ќе се најдат пари за отпремнини и не знаат што да прават во секојдневната неизвесност.

На последната средба со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ни беше ветено дека се работи на технолошкиот вишок и дека до крајот на неделата ќе земеме плата. Ние испорачавме дел средства за МВР според договорот, но таму сме во минус. Испорачавме производи за 10 милиона денари, но, еве втора недела, до денеска, немаме ниту денар земено. Последната плата ја зедовме пред месец и половина од 12.000 денари. Му веруваме на вицепремиерот Анѓушев дека ќе се изготви пакетот за технолошки вишок, но од каде ќе се најдат пари за отпремнините што следуваат зашто треба да ги исплати фабриката, а фабриката нема ниту денар, освен тоа тука е долгот од околу 100.000 евра за неплатената струја. Не знам што да се прави, вели Бунтески.

Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“ најавува дека вработените  утре ќе протестираат во Скопје пред Владата.

– Денеска сакавме да одиме во Скопје пред Владата, но се воздржавме и најверојатно од утре ќе протестираме. Овде се собравме зашто немаме земено плата, струјата се уште не ни е пуштена. На вработените им е речено да седат дома и да чекаат повик. Најавата за пакетот технолошки вишок наидува на скептичност кај вработените, зашто нема пари за отпремнините што следуваат – седум просечни плати или три и пол републички плати. Дел се согасуваат само да си заминат, но најголемиот дел не прифаќаат без да добијат отпремнини и да го остварат законското право. А пари нема ниту фабриката, ниту пак од владата. Со намера сме утре да протестираме пред Владата, вели Богданоски.

Вчера, при пресстојот во Прилеп, вицепремиерот Кочо Анѓушев најави дека до 30 септември ќе се изготви пакетот за технолошки вишок и вработените што ќе заминат законски да си го оствараат тоа право. Од 1 октомври ќе почне предстечајната реорганизација за потоа инвеститор да ја преземе фабриката, да се работи и состојбите да се нормализираат. Анѓушев се надева дека работите на позитнивно ќе тргнат за една до две години, зашто ваквиот вид наменски фабрики во регионот работат рентабилно, па тоа може да го постигне и „Еурокомпозит“