Расте скептицизмот за Европската Унија, најголема закана за Македонија е Бугарија. Ваков е заклучокот од резултатите на анкетата „Еврометар“, спроведена од страна на агенцијата „Брима“ од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници.

Според ова истражување, високи 72 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Во однос на фундаменталните општествени вредности, високи 61 отсто од испитаниците сметаат дека нема демократија. Зголемен е скептицизмот во врска со влезот на Северна Македонија во Европската Унија. Имено, 49 отсто се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, наспроти 34 проценти кои не мислат така.

„Имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон ЕУ и ставот кон самиот процес на интеграции. На прашањето – каков е ставот на ЕУ кон Македонија највисоки 65 отсто сметаат дека тој е нефер и уценувачки, додека оние кои сметааат дека е фер е само ниски 17 проценти што се падови и осцилации од 20 проценти во однос на претходните години“, рече извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски.

Дополнително, 29 проценти од испитаниците мислат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, додека во 2021 овој процент изнесувал 17 отсто.

Зголемена е загриженоста на граѓаните во врска со тоа дали некоја држава или меѓународна организација претставува закана за Македонија, каде 42 проценти од испитаниците сметаат дека постои закана, за разлика од многу пониските 33 отсто минатата година. Како најголема закана од листата се споменуваат Бугарија (27%) и Русија (4%). За разлика од тоа, Србија се смета за најголем пријател со 37 проценти

И оваа година граѓаните имаат највисока доверба во Армијата – 39 проценти. Религиските институции се на второто место со 32 отсто, вернаш по нив е Полицијата со 21 отсто. Најмалку доверба граѓаните и оваа година имаат во Обвинителството (7) и Судството (6 отсто);

Испитаниците имаат негативно мислење за борбата против корупцијата во државните институции во земјава, односно 71 отсто сметаат дека институциите неуспешно ја водат борбата против корупцијата.