Не постои поголемо кршење на човековите права од тоа да се дозволи да умираат луѓе од болести за кои има лек – реагираше вечерва Асоцијацијата за цистична фиброза, откако денеска како последица на болеста почина битолчанецот Благојче Илијевски.

Неговите соборци соопштија дека со него ќе се збогуваат утре во 14 часот пред Влада и го опишаа Благојче како еден од најактивните членови на Асоцијацијата. Според нив, тој е жртва на системот.

„Тој поради инертноста на системот од надлежните институции и поради тромите бирократски процедури, почина прерано, чекајќи го лекот Трикафта“, велат пациентите со цистична фиброза.

Утре тие со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе, и официјално ќе се збогуваат со својот соборец, во исто време, кога во Битола ќе бидат погребани неговите посмртни останки.