Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изјави дека имаат редовни контакти со различни политички партии кои се дел од Владата, но и од опозицијата, образложувајќи дека пристапниот процес за ЕУ мора да биде процес во кој има согласност меѓу сите политички партии.
-Секако одржуваме добри контакти со сите партии кои тврдат дека се посветени кон европската иднина на оваа земја со оглед на тоа дека реформите зависат од соработката меѓу поделените страни. Нема да навлегувам во детали за специфични разговори за она што се случува, но може да бидете сигурни дека сите наши дискусии и во сите наши дискусии ние секогаш го кажуваме она што сметаме дека е стратешки интерес на ЕУ и на оваа земја која што треба да се приклучи кон ЕУ што е можно поскоро, рече Гир одговарајќи на новинарско прашање по потпишување на Договорот за грант од ЕУ со ЕИБ за пречистителна станица за отпадни води во Скопје.
Најдобриот начин за тоа да се случи, како што кажа, е преку реформи, а токму тие реформи, рече, треба да напредуваат брзо.
-Има голем број на области каде што треба да се направат реформи и само тоа е патот којшто води напред кон ЕУ. Уверен сум дека оваа земја може да ги унапреди реформите и многу сум уверен, цврсто верувам дека приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо, нагласи Гир.
Според него целото прашање за уставните измени е суверена одлука што треба да ја донесе оваа држава.
-Ние зборуваме за сите прашања коишто се релевантни со сите засегнати страни. Но, уште еднаш би сакал да не навлегувам во поединечни детали за разговорите коишто ги имаме со лидери или членови на политички партии. Доволно е да кажам дека сакаме да ја видиме оваа држава како се движи брзо кон ЕУ, патот е отворен, сега имаме одлична можност и сега е времето да се искористи таа можност како што слушнавте од високиот претставник Борел и од комесарот Вархеји минатата недела, потенцира Гир.