Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе отпатува за Украина, откако предложи Анкара да биде посредник во смирувањето на тензиите со Русија, без да зазема страна.
Русија ги отфрла западните тврдења дека планира инвазија на Украина и бара безбедносни гаранции дека НАТО нема да се прошири на исток, ниту дека ќе инсталира ракетни системи во Украина.
Посетата на Ердоган доаѓа откако лидерите на НАТО членките Велика Британија, Полска и Холандија го посетија Киев.
Турција има добри односи со Украина и Русија, но најави дека како членка на НАТО ќе го направи она што е потребно доколку Русија нападне.
Анкара и Киев претходно најавија дека ќе потпишат неколку договори, меѓу кои и за слободна трговија.
По разговорот со американскиот претседал, шефот на француската држава Емануел Макрон денеска ќе разговара со колегите од Русија, Украина и Полска како продолжување на дипломатската иницијатива за политичка разрешница на кризата на руско-украинската граница.
По видео-конференцијата посветена на Украина со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, Макрон рано попладне ќе разговара телефонски со својот полски колега Анджеј Дуда, а вечер со рускиот Владимир Путин и со украинскиот Владимир Зеленски, соопшти Елисејската палата.
– Приоритет е да се најде политички начин за излез од кризата и да се деескалираат тензиите на границата, рече Макрон.
Елисејската палата соопшти дека во телефонски разговор доцна синоќа, американскиот претседател Џо Бајден и Макрон се обврзаа на силна координација и договор меѓу европските партнери и сојузници.
-Покрај дипломатските напори, тие разговараа и за подготовките за воведување брзи и строги економски санкции кон Русија во случај на инвазија на Украина, соопшти Белата куќа.
Емануел Макрон посочи дека би можел да отпатува во Москва, а можеби и во Киев во наредните денови.
– Не исклучувам ништо бидејќи мислам дека улогата на Франција, која претседава со Советот на Европската унија овој семестар, е да се обиде да изгради заедничко решение, рече тој.