Со кучиња, со опрема за на плажа, но и со велосипед, Грците денеска гласаат за избор на нивните претставници во Европскиот Парламент, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, граѓани кои утрово го остварија правото на глас, коментираат дека иако европските избори ја немаат истата важност како парламентарните, сепак се значајни и очекуваат европратениците да се борат во ЕУ за интересите на Грција.

Грците одбираат меѓу 1.168 кандидати од 31 партија, а земјата ќе добие 21 пратеничко место од вкупно 720 во ЕП.

За критериумите според кои одбираат да го дадат нивниот глас, едни велат дека нивниот избор е партијата, други пак акцентот го ставаат на кандидатите.

-Прво на гласање, после на тренинг, беше одговорот на Гркот кој на гласачкото место дојде со неговиот велосипед, но и со целата опрема.

Во однос на денешните избори, за МИА рече дека гласал за партија, бидејќи кандидатите за европратеници не му биле толку познати.

-Евроизборите се важни, можеби не толку колку парламентарните, но сепак имаат своја важност бидејќи како граѓани не треба да отсуствуваме од конкретното право што го имаме, рече велосипедистот веднаш откако го оствари правото на глас.

Повозрасен Грк истакна дека сите изборни процеси се важни, посочувајќи дека лично тој пред сè одбира партија, а потоа кандидати.

Без разлика за која партија гласаат, сите потенцираат дека за нив, најважно е новите европратеници да ги штитат интересите на Грција во европското семејство, но и да се борат за нив.

Дописничката на МИА од Атина утрово го посети гласачкото место во кое правото на глас го оствари грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој истакна дека гласаат за „силна Грција во силна Европа.

-Европските избори имаат свое посебно значење. Во следните пет години ќе се носат многу важни одлуки во Европа и многу е важно да постои силен грчки глас, силно грчко претставување во Европскиот парламент, за да можеме, како Грција, од Европа да бараме колку повеќе можеме, истакна Мицотакис.

Посочи дека изборите се „празник на демократијата“ и колку поголемо е учеството во изборниот процес, толку повеќе се зајакнува демократијата.

И покрај тоа што имаше стравување дека излезноста ќе биде особено мала, сепак од Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за изборниот процес, соопштија дека до 11.30 часот утрово, гласале 13,1 отсто од граѓаните, додека на парламентарните избори во јуни минатата година, излезноста за истиот период била за помалку од три проценти поголема.

Претпладнево, правото на глас го остварија и лидерите на политичките партии, како и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која рече дека е „важен ден за демократијата и во Грција и во Европа, бидејќи „предизвиците со кои се соочуваме се многу и критични“ и изрази надеж дека ќе има масовно учество на граѓаните.

Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот, право на глас имаат 9.796.330 граѓани, кои можат да одберат најмногу четворица кандидати од една партија.

Традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, во 19 часот, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време, кога ќе се знае и колку партии го поминале изборниот праг од три отсто и обезбедиле место во Европскиот Парламент.

На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.

Фото: МИА