Летонската служба за државна безбедност покрена кривична постапка против Татјана Жданока (73), пратеничка во Европскиот парламент (ЕП), државјанка на Летонија, која е осомничена за соработка со руските разузнавачки и безбедносни служби, објавија денеска летонските медиуми.

Тие медиуми објавија дека безбедносната служба, позната по својот акроним ВДД, ги истражувала активностите на Жданока и наводните врски со Русија во последните неколку недели, откако во јануари беа објавени извештаи на руски, нордиски и балтички медиумски веб страници и дека е агент на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) од 2004 година.

Како што пренесуваат летонските медиуми, ВДД одлучи да поведе кривична постапка против Жданока на 22 февруари. Жданока ги отфрли сите обвинувања.

ЕП на крајот на јануари соопшти дека отворила истрага по повод медиумските извештаи дека Жданока работи како руски агент веќе неколку години.