Почетокот на предводничката на пратениците на Емануел Макрон во Европскиот парламент се покажува хаотичен, исто како и нејзината предизборна кампања.
Како што пишува денешен париски „Фигаро“, поткрепен и со пишувањата на белгискиот печат, Натали Лоазо го споредила Манфред Вебер со „ектоплазма“, јавува МИА.
Новоизбраната европратеничка, претставничка на новото либерално прогресивно движење за кое се залага францускиот претседател Емануел Макрон, иако се уште нема седнато во европратеничката клупа, веќе е вовлечена во контроверзии – во своите редови, но и со другите политички групи.
Натали Лоазо, во четвртокот испрати порака до членовите на Европскиот парламент од Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), обидувајќи се да ја спречи штетата од текстот во белгискиот весник „Ле Соар“, според кој таа планирала реконструкција на групата.
Колумната, која „Ле Соар“ брзо ја отстрани од својата веб-страница, ја цитираше изјавата на Лоазо дадена во „неформална“ средба со француските новинари, каде што рекла дека групата АЛДЕ, долго време предводена од белгискиот европратеник Ги Верхофштат, ќе добие „нови методи, нова повелба и новo лидерство“, во група каде што „епицентарот ќе биде помалку нордиски “.
Според статијата на „Фигаро“ Лоазо го споредила Манфред Вебер, лидерот на групата на Европската народна партија и кандидат на конзервативците за претседател на Европската Комисија, со „ектоплазма“.
Овие изјави, кои не би требало да се шират, но тоа зависи од добрата волја на добронамерните новинари се раширија како прашина во Брисел, со последици за кои Лоазо може да зажали.
Вебер и другите конзервативци остро ја критикуваа АЛДЕ поради одбивањето да кандидираат единствен кандидат за највисоката функција на Комисијата и за нејзината неспособност да утврди јасни цели во дискусиите за идното раководство на ЕУ. Настрана од таа критика, јасно е дека е во тек борба за контрола на идната либерална група, која сè уште нема формално име, потсетува париски „Ле Монд“.
Во нејзината порака до членовите на Европскиот парламент, Лоазо го демантираше пишувањето на „Ле Соир“ и се обиде да ги минимизира сите сугестии за внатрешни несогласувања.
„Читам многу чудна статија во Ле Соир … Не препознавам што ми се припишува. Ова е чиста фантазија”, напиша Лоизо во е-маилот, чија копија ја добија повеќе медиуми.
Иако Ле Соар ја отстрани статијата од својата веб-страница, верзијата сè уште циркулира во круговите на Европскиот парламент и акредитарните новинари.
Оригиналната верзија, која беше онлајн околу три часа во четвртокот попладне, имаше остри критики за Лоазо, спомнувајќи очигледен недостиг на политички финеси на поранешната француска министерка за Европа.
Ле Суар ја повлече статијата, откако пренесе она што им било кажано на француските новинари, но Фигаро опстојува на тоа што го кажа „Лоазо“ и во статијата насловена „Првите промашувања на Лоазо во Европа“, смета дека европратничката која сака да претседава со третата по големина политичка група во ЕП, се покажува „несмасна и предизвикува сомневања кај своите партнери“, што според конзервативниот париски весник „може да доведе до нејзин пад на отворено“.
Со 21 европратеник, партијата на Макрон сега е најголема делегација во групата АЛДЕ, а Лоазо, која го има својот прв мандат во Европскиот парламент, јасно сака да стане лидер во групата – цел која ќе биде жестоко оспорена.
Шведскиот европратеник Фредрик Федерли и холандската Софи ин т Велд, исто така се заинтересирани за функцијата. Во меѓувреме, Верхофштат не ја криеше желбата да стане претседател на парламентот, но тој би можел да побара да остане лидер на групата со која претседава десет години, ако му биде одбиена повисока позиција.
По состанокот на лидерите на политичките групи во Парламентот во средата вечерта, Верхофштат сам ја потпиша декларацијата на водачите, во име на АЛДЕ, за плановите на проевропските групи за развој на заедничка агенда за политиките на новиот парламент – иако Верхофштат и Лоазо беа заеднички избрани да преговараат во име на групата во коалиционите разговори.