Црвени ѓубриња, титоисти, србомански измет и одродени Бугари се дел од квалификациите што бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов ги користи во својата објава на Фејсбук во која порачува дека за Македонија нема место во Европската Унија.
Во постот Јорданов пишува за „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на „националниот херој од Бугарија Гоце Делчев“.
Во објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија. Јорданов е член на партијата Сојуз на демократски сили – СДС, која е во коалиција со ГЕРБ на Бојко Борисов, а во Европскиот парламент (ЕП) делува како член на Европската народна партија – ЕПП.
Неговата објава следува по вчерашите тензии на граничниот премин „Деве Баир“ кога, како што официјално соопшти македонското МВР, поради пад на системот, бугарски граѓани кои беа тргнати за Скопје да присуствуваат на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, неколку часа стоеја во место.